Од „другарот Мухамед“ до пола партија: СДСМ ново жариште на ковид-19
Со засега двајца од повисоките функционери во партијата, технички премиер повторно приморан да седи дома, сите кандидати од цела изборна единица во самоизолација, како и голем број останати членови, СДСМ станува нов кластер на заболени од коронавирус.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција рече дека ситуацијата се следи. Во меѓувреме, пак, во последните два дена Министерството за внатрешни работи им издаде решенија за изолација на дури 523 лица, а 114 лица потпишале изјави за самоизолација.
Меѓу нив се и голем дел од членовите на СДСМ.
Се започна во неделата кога Мухамед Зекири ја информираше јавноста дека е позитивен на ковид-19. Потпретседателот на СДСМ, три дена претходо учествуваше на телевизиска дебата на ТВ 24, поради што во самоизолација заминаа генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, со кого дебатираше, како и водителката на дебатата, новинарката Душица Мрѓа.