Обезбедено е мнозинство за уставните измени, може сѐ да заврши в петок, тврдат од власта
Непосредно пред почетокот на денешната собраниска седница на која на дневен ред е последната фаза од процесот на уставни измени, од владејачкото мнозинство неофицијално велат дека двотретинско мнозинство е обезбедено.
Бројката на пратеници кои ќе гласаат за уставните измени, според партиски извори, ќе биде иста како и при гласањето за отворање на Уставот-80, или еден или двајца пратеници плус. Притоа, истите извори наведуваат дека за уставните измени ќе гласа и пратеникот на ГРОМ, Панчо Минов, а не се исклучува да се приклучи уште некој.
Мнозинството е обезбедено откако премиерот Зоран Заев постигна договор со Зијадин Села од Алијансата за Албанците и речиси има договор со Беса на Билал Касами.
На седницата, како што најавија, нема да учествуваат пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и, иако се споменуваше како можност освен независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ уште некој од пратениците да гласа за уставните, сега таа можност е речиси исклучена по најавите дека секој што ќе гласа за измените ќе биде исклучен од партијата.
Од парламентарното мнозинство велат дека е можно гласањето за заврши уште в петок, иако претходно се најавуваше дека седницата за гласање треба да биде на 15 јануари.