Нормализација на односите со Србија може да се постигне само со заемно признавање, вели Курти
Вчера, пак, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е подготвен да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со Приштина, но не и на признавањето и влезот на Косово во ОН
Односите меѓу Косово и Србија треба да се нормализираат, а нормализацијата може да се постигне преку заемно признавање, рече косовскиот премиер Албин Курти во обраќањето на Економскиот форум во Скопје.
„И претседателот САД, Џо Бајден, секретарот на САД, Ентони Блинкен, германскиот канцелар Олаф Шолц кажаа дека меѓусебното признавање е суштината и централната точка на целосната нормализација на односите. Се обидуваме и работиме, а како основа го имаме предлогот на ЕУ кој ни беше презентиран и на мене и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Го прифативме текстот на тој предлог, му дадовме поддршка во двата главни града како и во Брисел“,рече Курти.
По средбата во Брисел која во понеделникот српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти ја имаа со европски претставници, најавено е дека следната средба за продолжување на преговорите на релација Белград-Приштина ќе се одржи на 18 март во Скопје.
Според Курти, постојат неколку причини зошто изборот за следната средба паднал токму на метрополата на Северна Македонија. Во оваа насока косовскиот премиер вели дека Скопје е најголемиот град во близина на Приштина и има големо влијание врз целиот регион, зашто, како што нагласи, Северна Македонија напредува во демократијата, владеењето на правото и европската интеграција.
„А во Северна Македонија, поточно во Куманово, беше потпишан т.н. Кумановски договор за капитулација на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ и влез на трупите на НАТО на Косово. Овие симболични елементи придонесоа за Борел да одлучи следната средба за дијалогот да ја закаже токму во Скопје“,додаде Курти.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера во интервју за српскиот јавен радиодифузен сервис изјави дека е подготвен да работи на имплементација на многу работи од европскиот план за нормализација на односите со Приштина, но не и на признавањето и влезот на Косово во ОН.
„Станува збор за тоа дека не можеме да зборуваме за меѓусебно признавање и за влез на Косово во Обединетите нации. Додека сум претседател нема да потпишам формално или неформално признавање на Косово, ниту членство во ОН“,рече Вучиќ.
Вучиќ во интервјуто за РТС посочи дека текстот на европскиот план за нормализација на односите меѓу двете страни ќе биде рамка на преговарачкиот процес и дека тој повеќе нема да може да се менува.