ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Нов земјотрес во Петриња, отворените дупки во земјата станаа уште поголеми

Нов земјотрес со силина од 3,8 степени според Рихтер повторо ја стресе областа Петриња во Хрватска која што, заедно со повеќе други места, неодамна беше погодена од силните поместувања на почвата. Потресот  предизвика страв и вознемираност кај локалното население кое веднаш ги напуштило своите домови.

Земјотресот е регистриран во 9.03 часот, на три километри југозападно од Сисак на длабочина од два километри. Интензитетот во епицентарот изнесувал 5 степени според Европската макросеизмичка скала.

Вознемиреност кај граѓаните предизвика и проширувањето и продлабочувањето на дупките во земјата во ова и други подрачја кои настанаа при првите земјотреси кои што се случија на 29 декември минатата година со силина од 6,2 степени според Рихтер. Освен дупките, се активираа и неколку свлечишта во областа Банија.

Хрватските експерти отворено прознаваат дека феноменот на големите дупки во почвата за нив е сосема нов.

-Нема пишани траги, дури ни усни сознанија на нашите постари сеизмолози. Ова е нешто ново за нас, изјави за Хрватската телевизија сеизмологот Крешимир Кук.

Професорот Бруно Томљеновиќ од Загрепскиот факултет за рударство, геологија и нафтено инженерство истакна дека појавата на овие дупки може да се класифицира како феномен и дека не е вообичаено почвата да се однесува на овој начин по земјотрес.

-Најголемата  дупка во Банија има дијаметар од 30 метри, а се отворила на 6 јануари  и во тој момент нејзиниот дијаметар бил десет метри. Дупките се создаваат моментално и се крајно опасни поради тоа, објави порталот „Индекс“.

Дупките се појавуваат во области со специфична геолошка структура на теренот, каде што дел од наслагите што се наоѓаат на површината се спуштаат на пониски нивоа во земјата, а почвата е претежно составена од чакал, песок и глина.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.