Новите министри се филтрираат во партиските тела на СДСМ и ДУИ
Министерските ресори се поделени, а персоналните решенија се уште се договараат. Ќе бидат соопштени дури на крајот од денот, кога ќе ги поминат филтрите на партиските органи. Во новата Влада, со која 4 години минус 100 дена ќе раководи мандатарот Зоран Заев, ќе има министри од СДСМ, БЕСА и ДУИ, додека коалициските партнери може да сметаат на другите ешалони.
Кај ДУИ, договорени се речиси сите министерски позиции. Артан Груби ќе раководи со новото Министерство за политички систем и ќе биде прв вицепремиер, како што потврди за Телма. Бујар Османи, со богато министерско искуство во здравство и во евроинтеграции, ќе биде министер за надворешни работи. Фатмир Бесими, кој исто така има министерско искуство во ресорите евроинтеграции, економија и одбрана, сега ќе го преземе ресорот финансии. Во животна средина останува Насер Нуредини, а во економија Кресник Бектеши. Во ДУИ се уште се разговара дали министерството за информатичко општество ќе и биде доверено на Ширет Елези или на друг партиски кадар.
Далеку понеизвесно е во СДСМ. До сега, сигурно е дека Оливер Спасовски од технички премиер ќе се врати во Министерството за внатрешни работи, а Венко Филипче ќе остане министер за здравство. Со Секретаријатот за европски прашања ќе раководат Никола Димитров или Радмила Шеќеринска. Шеќеринска може и да го задржи ресорот одбрана, но можно е на нејзино место да дојде генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски. Култура, што по долго време се враќа во СДСМ, веројатно ќе дојде актерката Сања Арсовска. За ресорот образование се подготвува Дамјан Манчевски, откако Информатичко општество премина кај ДУИ, додека Транспорт и врски треба да го преземе директорот на Државни патишта Зоран Китанов. Неизвесно е кој ќе стане министер за Труд и социјала, Локална самоуправа и во Правда, откако стана јасно дека професорката Рената Десковска се враќа на Скопскиот универзитет.
Според договорот во Коалицијата „Можеме“, БЕСА го добива ресорот Земјоделство. Партијата за министер го предлага портпаролот Аријанид Хоџа.
Доколку внатрепартиските договарања завршат успешно до утре, Зоран Заев ќе може веднаш да го достави до Собранието предлог-составот и програмата на Владата. Се очекува Собраниската процедура да заврши до крајот на наредната недела, со гласање на 62-ца пратеници од „Можеме“, ДУИ и ДПА.