ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Нова студија: Се чини дека вакцината на Фајзер делува против мутираните соеви на коронавирусот

Вакцината Фајзер/Бајонтек против коронавирусот се чини дека делува против клучните мутации кај високо заразните соеви откриени во Велика Британија и Јужна Африка, според лабораториската студија спроведена од американскиот фармацевтски гигант.

Студијата на Фајзер, која сè уште не поминала научна рецензија и која била спроведена во соработка со научниците од универзитетот во Тексас, покажала дека вакцината е ефикасна во неутрализирање на вирусот со т.н. мутација N501Y на протеинскиот шилец.

Мутацијата може да биде одговорна за поголема инфективност и се појавила загриженост дека вирусот може да „избега“ од антителата чие создавање е поттикнато од вакцината, изјави Фил Дормицер, еден од главните научници на Фајзер.

Студијата е спроведена на примероци од крв земени од луѓе кои примиле вакцина. Резултатите се ограничени затоа што не е проучен целиот спектар на мутации пронајдени кај новите верзии на брзо распространувачки вируси.

Дормицер рече дека е охрабрувачко што вакцината изгледа ефективна против мутацијата N501Y, како и на 15 други мутации што компанијата претходно ги тестирала.

„Досега тестиравме 16 различни мутации и ниту една немаше никакво поголемо влијание. Тоа се добри вести“, додадавајќи дека тоа не значи дека истото ќе важи и за 17 мутација.

Дормицер рече дека е загрижувачка уште една мутација на јужноафриканската верзија на вирусот, наречена Е484К.

Научниците планираат понатамошно истражување за да видат дали вакцината е ефикасна против други мутации на вирусот откриени во Велика Британија и Јужна Африка и се надеваат на резултати за неколку недели.

Сајмон Кларк, професор по клеточна микробиологија на универзитетот Ридинг, оваа недела рече дека и двете верзии на вирусот имаат некои нови заеднички карактеристики, но кај јужноафриканскиот сој се пронајдени бројни дополнителни мутации кои претставуваат пообемни промени во протеинскиот шилец.

Научниците рекоа дека вакцините на Фајзер/Бајонтек и Модерна, кои се потпираат на технологијата на информациона РНК, можат брзо да се модифицираат да реагираат на новите мутации на вирусот.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.