Нова нијанса: ВМРО-ДПМНЕ „инсистира“ на парламентарни избори
Од СДСМ велат дека ќе се консултираат со коалициските партнери, со бизнис заедницата, а ќе ги имаат предвид и сугестиите од Брисел.
По претходната серија конфузни изјави од лица во раководниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, која заврши со став дека нема да ги бојкотираат и ќе учествуваат на претседателските избори без оглед дали ќе има парламентарни, вчера опозициската коалиција се огласи со нова „нијанса“. Таа гласи: Инсистираме на предвремени парламентарни избори и распуштање на Собранието веднаш!
Реафирмирањето на ова барање уследи по вчерашниот состанок на претставници на политичките партии кои се дел од опозициската Коалиција „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. По опсежните разговори за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, коалициските партнери донесле неколку заклучоци.
Прво, во однос на уставните измени усвоени минатот петок, тие ги осудиле спроведените уцени, закани и притисоци, со оценка дека по таквиот чин „Македонија е практично е држава каде што веќе нема владеење на правото“.
Втората загриженост била изразена за Законот за употреба на јазиците.
„На еден полушверцерски начин во доцните вечерни часови беше потпишан указот без потпис на претседателот на државата, и следниот ден веќе беше однесен во ‘Службен весник’, каде што директорот го објави противправно без потпис на претседателот“, обвини Мицкоски.