Николоски најави масовни антивладини демонстрации есенва, за уривање на „коалицијата на лагата“
Наспроти потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој ги обвини СДСМ и ДУИ за изборни измами, потретседателот на СДСМ Манчевски потсети од собраниската говорница дека неодамнешните избори беа предвремени на барање на опозицијата
Масовни антивладини демонстрации што ќе почнат уште есенва, најави денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, како прв говорник на собраниската седница за избор на новата Влада, веднаш по експозето на мандатарот Зоран Заев.
Според Николоски, новата влада на СДСМ и ДУИ е коалиција на лагата. СДСМ, како што рече, ветуваше коалиција без ДУИ, а ДУИ ветуваше премиер, поради што, според него, двете партии добиле дел од гласовите на изборите на 15 јули.
„Денеска гледаме дека ветувањата не важат. Гледаме дека ветувањата важат до завршување на изборната кампања и дека после тоа на сцена стапуваат интересите. И затоа е ова коалиција на лагата. Ова е исто така коалиција на континуитет на криминалот и корупцијата што ги гледавме во изминатите три години. Ова е коалиција на изборни измами затоа што се вршеа поткуп, притисоци, немаше соодветен мониторинг на изборите, а корона-кризата на најнизок можен начин се злоупотреби преку поделба на т.н. картички кои селективно се делеа онаму каде што се очекуваа изборни гласови. Ова е коалиција на стари кадри кои немаат што ново да понудат. Ова е коалиција на поларизацијата затоа што има само еден пратеник повеќе од она што е потребно за гласање во ова Собрание и ќе е влада со најмало мнозинство во историјата на независна Македонија“,
истакна Николоски.
Тој додаде дека ова е влада на стари добро познати кадри кои најбрутално ја злоупотребија корона-кризата прво за одлагање на изборите, а потоа за нивно распишување кога им одговараше и сето тоа со закани дека ќе одат сами на избори и затоа имаше ниска излезност.
„Како никогаш во историјата на Македонија имаме пратеници кои не тежат ни 4 500 гласа споредено со изборни циклуси кога еден пратеник тежел и 10 000 гласа“,
рече Николоски.
На крај тој се обрати до граѓаните:
„Се гледаме по градовите и селата, затоа што оваа коалиција е на лагата и ќе биде срушена на масовни демонстрации кои ќе почнат од оваа есен, затоа што капацитет за реализација на ветувањата нема, а народот е излажан“,
рече Николоски.