Македонија е доведена до точка на студена војна со Бугарија поради отсуството на државна стратегија, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според потпретседателот на партијата, Александар Николоски, позициите со источниот сосед ни се на најниско можно ниво а Владата, како што вели, досега немала соодветен одговор на ниту една провокација.
Во Декларацијата која пред два дена ја усвои Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент Николоски гледа потврда дека официјална Софија ја продолжува старата пракса на нови барања.
„Уште еднаш се потврдува тезата дека барањата на Бугарија немаат крај. Тоа е најдобар демант на сите оние изјави кои што беа давани во текот на 2017 година дека прашањат со Бугарија се затворени. Клучното прашање не е зошто Бугарија носи Декларација и тие можат какви сакаат декларации да си носат, клучното прашање е зошто тие документи кои што македонското Собрание ги усвојува и се обврзни не се почитуваат од Владата на СДСМ и ДУИ.“- Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во интервју за Радио слободна европа директно ја посочи Русија како држава која има интерес да ги одржува конфликтите на Балканот живи. Според него, тоа е влијание кое подолго време опстојува во различни периоди.
„Тоа влијание сме го виделе во различен интензитет, во различни периоди на односите, не само меѓу Бугарија и Македонија туку воопшто на Западен Балкан, така што сигурно последната ескалација ќе биде добредојдена за многу трети фактори кои што ќе видат шанса тука да се одржи еден перманентен конфликт.
Дали е тоа во наш интерес?
Јас не се согласувам.
– Тие трети фактори не би ги именувале сега?
– Руската Федерација.- Бујар Османи, министер за надворешни работи
Османи не одговори прецизно дали е оправдан впечатокот во дел од јавноста дека институциите не се меѓусебно усогласени како да се координират за чествувањето на Гоце Делчев. Единствено посочи дека тие координации веќе се одвиваат.