НИЕДЕН ПРАТЕНИК ОД ВМРО-ДПМНЕ ГО НЕМА ПОТПИШАНО ЕТИЧКИОТ КОДЕКС, А БАРААТ ДА СЕ РАСПРАВА ЗА ЕТИКАТА НА ПАВЛЕ БОГОЕВСКИ, СЕ СУДРИЈА ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ НА РАСПРАВАТА ЗА МАНДАТОТ НА ГРУЕВСКИ
Место да се расправа веднаш за одземањето на пратеничкиот мандат на избеганиот осуден експремиер Никола Груевски, на денешната расправа на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ ги повика пратениците од СДСМ да се изјаснат дали треба да се дискутира првин за кршењето на Етичкиот кодекс за однесувањето на Павле Богоевски, кој призна дека набавувал масло од канабис за блиска личност.
Снежана Калеска–Ванчева, заменик-претседател на Комисијата, апелираше овој предлог на Стаменковска за дополнување на дневниот ред, таа да го повлече, зашто никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Етичкиот кодекс го нема потпишано.
Пратениците од партијата на Груевски не го повлекоа усниот предлог, даден уште на минатата седница која се прекина кога претседателот на оваа Комисија Павле Богоевски си даде оставка на пратеничката функција од морални причини.
Но, Калеска–Ванчева сепак го стави на гласање дневниот ред само за мандатот на Груевски, зашто, како што рече, ВМРО-ДПМНЕ не доставила формален предлог да се расправа за Етичкиот кодекс и Богоевски.
„Па немаме ни ние добиено формална, освен усна најава за оставка од Богоевски“, рече Стаменковска.
Сепак, се отиде на расправа за мандатот на Груевски. Богоевски не дојде на седницата.
Синоќа Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски, одлучи да ги охрабри пратениците да гласаат за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски.