ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Не треба да се врзуваме со датуми за почеток на преговорите со Еу, тврди Ковачевски

Пред  речиси еден месец до самитот на Европската Унија на кој ќе се одлучува за  евентуално започнување на процесот на интеграција на Македонија во Унијата, се уште нема доближување на ставовите во спорот помеѓу Скопје и Софија.

Премиерот Димитар Ковачевски вели не се обврзува со датуми бидејќи најважно според него е да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за двете држави..

-Во овој момент министерствата за надворешни работи како и досега комуницираат помеѓу себе, тие немаат усогласено документ кој што може да биде основа за носење на одлуки во двете држави. Што се однесува на јуни како датум, точно е дека тогаш ќе има Самит на Европската Унија меѓутоа ние воопшто не се врзувавме со датуми.-Димитар Ковачевски.

И бугарскиот премиер Кирил Петков истакна дека разговорите продолжуваат и најави посета на Македонија на 22 мај, на која вели дека нема да биде потпишано ништо конкретно.

Македонска делегација ќе го посети Ватикан за одбележувањето на празникот на Сесловенските просветители Кирил и Методиј но Ковачевски не прецизираше дали со нив ќе патува и бугарската делегација, како што беше случај минатата година, кога во Рим заедно отпатуваа претседателите Пендаровски и Радев.

Ковачевски во однос на барањата за лидерска средба од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кажа дека е спремен да разговара за важни стратешки прашања кои ја определуваат иднината на Македонија, но не и за барањето за предвремени парламентарни избори.

-Нормално е политичките партии да се гледаат, меѓутоа во државава постојат институции, институцијата која ги обединува и во која работат сите политички партии, претставници на граѓаните на Македонија е Собранието.-Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека во моментот гледаме што се случува во Собранието, каде што има класичен бојкот и практично блокада во која не се овозможува низ една парламентарна дебата да се разговара за унапредување на Законски решенија.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.