Не се знае кога и за колку би се зголемила минималната плата

Владата на пролет ќе ги извести бизнисмените за колку и од кога ќе се зголеми минималната плата. Пред помалку од два месеци премиерот Зоран Заев кажа дека за годинава е предвидено второ зголемување на минималецот, без да каже за колку.
Сега вели дека во тек се консултации со бизнис заедницата и се прават анализи во министерствата за труд и социјална политика и за финансии. Кога ќе имаат конкретни бројки ќе ги објават.
„После сите консултации што труд и социјална политика и финансии ќе ги направат со здруженијата на работодавачи, со кластерите во државата, пред се мислам на текстилната и кожарската индустрија, затоа што таму е највисокиот директен импакт, ќе ги соопштиме сите колку ќе биде покачувањето на платата“, рече премиерот Заев.
Но, и покрај ваквите најави бизнисмените велат дека се уште не седнале со Владата да го кажат својот став. Од Организацијата на работодавачи на Македонија за Алсат коментираат дека засега за золемувањето на минималецот слушнале само од медиумите. Очекуваат дека во наредниот период ќе бидат повикани на консултации.
Од Министерството за финансии за Алсат пак велат:
Се прават анализи, кога ќе се дефинира, ќе се извести јавноста“.
Од друга страна пак странските инвеститори кои работат во земјава велат дека за ново зголемување на минималната плата треба да бидат известени најмалку една година однапред. Во анкетата на Германската стопанска комора инвеститорите алармираат дека ново зголемување на минималната плата ќе ги одбие инвеститорите од Македонија.
Германска стопанска комора:
На почетокот на оваа година се изгласа Законот за зголемување на данокот на доход од 10% на 18% за примателите на плата повисока од 900 евра нето. Доколку се донесе и законот за зголемување на минималната плата, повторно компаниите ќе се соочат со дополнителни давачки кои не се навремено предвидени во нивните буџети“.
Експертите велат дека минималната плата до крајот на годината е можно да порасне само до 13.000 денари. Над оваа граница би било голем проблем за бизнисот.
Според анализите на Министерството за труд и социјала можно е минималната плата до крајот на 2019 да се зголеми за дополнителни 1.000 денари, но под услов ако расте економијата.
Владата пред една и пол година утврди минимална плата од 12.000 денари што предизвика негативни реакции кај бизнис-заедницата.