Не помина предлогот за покачување на платите во јавниот сектор, ССМ продолжува со протести
Собраниската Комисија за финансирање и буџет на денешната седница не го одобри предлогот за линерално покачување на платите во јавниот сектор, а од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) побараа оставка од пратениците кои гласаа против предлогот.
„Благодарам на овие ненародни пратеници кои изгласаа „не“ за покачување на платите на работникот, тоа се пратениците Марија Ѓоргиеска, Даниела Марковска, Диме Велкоски, Марија Кочоска, Коле Чакарлиев, Арта Биљали Зендели, Бајрами кадрија и Панчо Минов кој не сакаше да гласа. Никогаш повеќе пратеници, никогаш повеќе гласот на работниците оставка одма,“ порача денеска претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Побара оставка и од заменикот министерот Филип Николовски, кој пак рече дека веќе е договорено зголемување на платите за околу 90.000 лица во јавниот сектор од вкупно 130.000.
Димовски информира дека штрајкот продолжува и изрази надеж дека премиерот ќе ги сфати нивните барања и ќе излезе во пресрет на работникот за „неопходните 2 806 денари за егзистенција“
На десеттиот, последен ден од амандмантската расправа на Комисијата за финансирање и буџет беа прифатени двата амандмана на СДСМ, кои се однесуваат за набавка на опрема и машини за јавно здравствените установи.
Од поднесени 204 амандмани, од кои над 170 на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два на СДСМ, беа прифатени околу десет.