ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Несогласноста за една изборна единица ќе води кон избори

Ако блокираат со амандмани, наш предлог ќе биде – вонредни избори, но ако има услови за тоа: војната во Украина да заврши и овде да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, вели лидерот на ДС

Притисокот од помалите партии вроди со плод – расправата за предлогот за измените на Изборниот законик почна, но како ќе заврши? По една година откако е поднесен до Собранието (5-ти март 2021г.), Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците вчера во прва фаза го поддржа предлогот на помалите партии за избор на пратеници според пропорционален модел, без изборен праг, со Донтов модел на распределба на мандатите, при што државата би била  една изборна единица.

Овој предлог го привлече вниманието на двете страни на политичкиот спектар, откако пратеници од пет помали партии во владејачката коалиција (ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ) во јануари годинава ја условија поддршката на новата Влада на Ковачевски, со барање „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик“. Тоа ја стави Владата под притисок одвнатре, во време кога опозицијата континуирано бара  предвремени избори.

Како ќе заврши ова барање ќе зависи од фактот дали ќе биде обезбеден консензус меѓу сите  партии,  но се чини дека и ако не биде обезбеден, малите партии кои се дел од владејачката коалиција сега нема лесно да се решат да ја откажат поддршката на Владата, заради актуелниот момент. Ова уште пред неколку дена го навести лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, кој е еден од потписниците на предлогот за измени на Изборниот законик.

„Ако повторно прават трикови, крајниот чекор ќе биде да ја откажеме поддршката на Владата и да одиме на предвремени избори. Сепак тоа нема да го сториме сѐ додека трае кризата во Украина“, изјави Трајанов за „Слободен печат“ минатата недела.

Го прашавме Трајанов – како ќе постапат предлагачите ако воената криза заврши, а нивниот предлог не биде усвоен, односно, нема знаци дека ќе има консензус за него. Дали тогаш ќе ја напуштат Владата?

„Ние предлагачите ќе се вклучиме во расправата и со аргументи ќе се обидеме да изградиме поширок консензус. Но доколку некои од партиите го блокираат со амандмани, тогаш ние предлагачите и партиите што се за промени, ќе изградиме заеднички став, но предлогот ќе биде – вонредни парламентарни избори. Се разбира, само ако има услови за тоа, пред сѐ војната во Украина да заврши и да имаме стабилна безбедносно-политичка состојба, како и гаранции за демократски и фер избори. Во таков случај ќе предложиме да се распушти парламентот и да се организираат предвремени парламентарни избори. Но сме против формирање на некакво ново парламентарно мнозинство“, изјави Трајанов за ДВ.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.