Ненадејно се појави нов проблем со гасот во Европа
Американскиот извозник на течен гас Фрипорт ЛНГ извести дека целосно ќе го обнови производството во оштетениот погон за конвертирање на гасот во течна состојба дури во март следната година, сигнализирајќи нови проблеми за увозниците во Европа.
Компанијата во јуни ја прекина работата во погонот во Квинтана во Тексас по пукањето на гасоводот што предизвика експлозија и пожар. Гасоводот напукнал поради преголем притисок, но капацитетите за преработка не се оштетени. Тогаш најавија дека погонот ќе продолжи со работа во септември, но во ограничен обем и дека полниот капацитет би требало да се постигне на крајот на годината.
Во вторникот компанијата извести дека планира да обнови 85 отсто од производството во погонот во Тексас до втората половина на ноември. Полниот капацитет би требало да се достигне до март следната година.
Погонот сочинува петтина од американскиот извоз на ЛНГ и е главен доставувач на европските купувачи во потрагата по алтернативни извори на набавка. Втечнува околу шест милиони кубни метри природен гас на ден и во полн капацитет може да произведе околу 15 милиони тони течен гас годишно.
Во Европа од мај пристигнуваа околу 3,3 милиони кубни метри, во споредба со 2,3 милиони во март, според податоците на аналитичката компанија Рајстад енерџи. Околу 70 отсто од извозот на Фрипорт во изминатите месеци беа насочени кон ЕУ и Британија, а Франција, Турција и Холандија се меѓу најголемите увозници во оваа година.