ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Нема опасност од нарушување на ликвидноста на банкарскиот сектор

Нема опасност од нарушување на ликвидноста на банкарскиот сектор, тврдат упатените, откога Народната банка првпат се реши за олабавување, наместо за заострување на монетарната политика, со цел да им помогне на стопанството и на граѓаните во справувањето со последиците од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19. Oва е прва криза во која првичниот одговор на Народната банка е олабавување, а не заострување на монетарната политика.

Народната банка првпат одговори со олабавување, наместо
со заострување на монетарната политика

За време на глобалната финансиска криза, понискиот прилив на капитал во македонската економија и тогашната зголемена склоност на економските агенти кон еврото наметнаа зголемување на основната каматна стапка за да се стабилизираат очекувањата, но тоа доведе до пораст на каматните стапки на кредитите и до забавување на кредитната поддршка. Овој пат, како што велат од Народната банка, ковид-кризата дојде во услови на високо и соодветно ниво на девизни резерви, посилни фундаменти на економијата и на отсуство на нерамнотежи поради што е и пристапено кон олабавување на монетарната политика, потег што кај многумина предизвика дилема дали сето тоа подразбира и ризик за ликвидноста на банкарскиот систем, особено поради тоа што ковид-кризата сѐ уште не е завршена, поради што се можни и нови рестриктивни мерки.

Моменталната политика дејствува антирецесиски

Универзитетскиот професор Томе Неновски вели дека олабавувањето или заострувањето на монетарната политика е редовна појава и се спроведува во зависност од оцената на Централната банка дали, кога и колку треба да ја олабави или заостри монетарната политика.
– Во овој период на здравствена криза, која постепено прерасна во економска криза со елементи на класична рецесија, централната банка на Македонија одлучи да ја релаксира монетарната политика, со цел да го зголеми количеството пари во оптек (ликвидноста на банките и на економските субјекти), а со тоа да влијае врз намалување на каматните стапки, поттикнување на инвестициската активност, зголемување на побарувачката на стоки и услуги и спречување поголеми отпуштања на работниците од работа – објаснува Неновски.
Тој додава дека краен ефект од таквата политика би било постепено излегување на економијата од зоната на рецесија, а тоа, од друга страна, има одредено влијание и врз забележливото зголемување на цените (инфлацијата), што во исто време се должи и на намалената понуда на стоки и услуги предизвикана под актуелната криза.
– Според тоа, моменталната (олабавена) монетарна политика дејствува антирецесиски и, веројатно, таквиот нејзин карактер ќе се задржи до крајот на годината, со оглед на најавувачките закани за пролонгирање на здравствената криза, која може да има продолжено негативно дејство врз целината на економијата. Таквата политика, централната банка треба да ја води внимателно со паралелно ангажирање на расположливите инструменти за спречување поголем пораст на инфлацијата од планираниот за оваа година – смета Неновски.

Клучните фактори се инфлацијата и нивото на девизните резерви

Во однос на идната поставеност на монетарната политика, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека ќе продолжат да ги следат состојбите во надворешното окружување, а особено во ЕУ, како и домашните услови и нивното влијание врз девизните резерви и инфлацијата.
– Во услови на монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот, токму инфлацијата и нивото на девизните резерви се двата клучни фактора од кои зависи просторот за спроведување олабавена монетарна политика. Повисоко ниво на девизни резерви, а поумерена инфлација, значи и поголем простор за продолжено спроведување лабава монетарна политика. Најновите податоци укажуваат дека девизните резерви се одржуваат на високо ниво, тие надминуваат четири милијарди евра, што е повеќе од двојно во споредба со глобалната економска криза. Инфлацијата умерено забрза под влијание на глобални фактори, но сепак тоа не се промени што ги создава побарувачката и засега не се очекуваат потрајни инфлациски притисоци – појаснува таа.

Од големо значење се и сигналите на Европската централна банка

Како што вели Ангеловска-Бежоска, од големо значење се и политиката и сигналите на Европската централна банка, од аспект на просторот за натамошно спроведување стимулативна монетарна политика и кај нас.
– На последниот состанок во јуни, ЕЦБ одлучи да продолжи со олабавена монетарна политика, ја задржа каматната стапка во негативна зона и донесе одлука да продолжи со инјектирање ликвидност во системот, и тоа поинтензивно во втората половина од годината, при очекувања за забрзување на инфлацијата оваа година, но и намалување наредната година – напомена гувернерката.
Според Ангеловска-Бежоска, нема потреба од промени во олабавената поставеност на монетарната политика, бидејќи инфлацијата во македонската економија, како и кај повеќето земји во регионот, е движена од промените на увозните цени и ова се глобални фактори, кои се оценети како привремени, и иако се можни одредени преносни ефекти, поголеми ценовни притисоци не се очекуваат.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.