ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Нема заклучоци на ЕУ за Балканот, ниту датум за Македонија

Во Брисел не се усвоени заклучоците за Западен Балкан поради забелешките на Чешка, Словачка и Австрија дека „премногу и се попушта на Бугарија“. Професорот Александар Спасеновски и Малинка Ристеска Јорданова од ЕПИ прогнозираат дека спорот Скопје-Софија може да биде многу долг.

Заклучоците за Западен Балкан не се усвоени во Брисел откако беа тргнати од дневен ред оти немаше едногласност кај земјите членки на Европската унија. Како што дознава Радио Слободна Европа од доверливи дипломатски извори во Брисел заклучоците влегоа во ќорсокак бидејќи некои земји членки на ЕУ сметаат дека опфаќањето на историскиот контекст во официјалните документи на Европската унија создава нов преседан.

Дописничката на РСЕ од Брисел јави дека повеќе дипломатски извори поврдуваат дека дошло до промена на ситуацијата откако тој документ го прочитале надлежните официјални лица во некои држави членки. Според изворите од Брисел, Словачка со поддршка на Чешка и Австрија, сметаат дека „премногу и се попуштило на Бугарија“, во текстот на завршниот документ.

Неусвојувањето на заклучоците го потврди и чешкото министерство за надворешни работи. Во официјалното соопштение на шефот на чешката дипломатија Томас Петричек се наведува дека неговата држава силно го поддржува процесот на проширување.

„Меѓутоа постоечкиот текст со заклучоците подразбира понатамошни компликации на патот во процесот на проширување“, се наведува во соопштението.

Во него се додава дека е потребно повеќе време да се процени текстот и да се усогласат заклучоците и дека тие би требало да бидат усвоени на Советот за општи работи.

За потстетување, во нацрт заклучоците за кои се согласија амбасадорите на земјите членки на Европската унија беше оживеана реченицата од 2018 година за крај на сите барања засновани на погрешно толкување на историјата, во него се наведува дека треба да се избегнуваат „изјави и работи кои негативно ќе влијаат на добрососедските односи и мирното решавањето на споровите“.


Исто така во текстот се наведува неопходноста од имплементација на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија и се нагласува важноста од нивната понатамошна примена.
“Овие два главни чекора треба ефективно да стават крај на сите обвинувања засновани на погрешно толкување на историјата“, стоеше во нацрт-заклучоците.

Спор можно долг и 20 години

Ќе има долги разговори меѓу Скопје и Софија, е прогнозата на Малинка Ристеска Јорданова од Институтот за европска политика ЕПИ. Слична прогноза има и Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први.
„Сфаќајќи дека е повеќе од извесно дека овој спор нема да се надмине до крајот на годината во рамките на германското претседателство со Европската унија, наспроти сите напори на Германија да ја откочи европската перспектива на Република Македонија постои голема опасност со ова прашање ние да се занимаваме во следните 20 години“, вели Спасеновски за Радио Слободна Европа.

Проценката на Ристеска Јорданова е дека работите нема да се одвиваат брзо.

„Ова ќе биде долго, да видиме прво каков ќе биде резултатот од изборите во Бугарија, меѓутоа се покажа дека ова сепак не зависи само од изборите и можно е да биде еден подолгорочен процес кој што ќе бара навистина сериозно поставување од наша страна затоа што компромиси за бугарските барања не се можни “, вели Ристеска Јорданова.

Бугарските барања и македонските позиции

Дел од нив се посветени на економска и трговска соработка, некои за говорот на омраза, за македонското малцинство во Бугарија, но оние што се сметаат за најспорни за македонската страна се поврзани со македонскиот јазик и историја.

Македонската влада во својата прва реакција по обелоденувањето на нацрт заклучоците оцени дека земјава испорачувала, ЕУ не ги одржа своите ветувања и дека заедно со Бугарија ја повторуваат грешката во однос на Северна Македонија, која ја нарекоа „огромна геостратешка грешка на ЕУ“.

„Остануваме посветени на дијалогот со Софија и барање на взаемно прифатливо решение. Спремни сме да разјасниме одредени дилеми доколку има потреба за тоа, но нашите позиции се познати и јавно потврдени: Ние сме Македонци кои зборуваат македонски јазик. За македонскиот идентитет не се разговара и не се преговара“, наведоа од Владата.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.