Нема да има говор на Мечкин Камен за 2 Август, Пендаровски го менува концептот
Наместо говори, Пендаровски планира на прославата да има положување венци, културно-уметничка програма и на настанот да присуствуваат лидерите на сите политички партии во државата
Заев и Ахмети веќе го потврдиле присуството, се чека одговор од Мицкоски и Села
Овој 2 Август нема да има говор на некој од носителите на власта во државата на Мечкин Камен, во Крушево. Редот годинава му беше на претседателот, Стево Пендаровски, но тој се решил за поинаков концепт.
Наместо да почне традиционално во 10 или 11 часот, настанот сега е поместен за во 18 часот. Причината е што Пендаровски сакал да остави доволно простор за сите лидери на политички партии во земјава, кои имаат настани поврзани со празникот во претпладневните часови, да можат да стигнат на Мечкин Камен за заедно да се одбележи празникот. Лично се поканети сите, вели Пендаровски. Од поголемите партии присуството го потврдиле Зоран Заев и Али Ахмети, додека се чека на одговор од Христијан Мицкоски и од Зијадин Села. Од помалите партии присуството го потврдил Стевчо Јакомовски, Павле Трајанов, Маја Морачанин и други.
„Нема да одржам говор. Мислам дека на народот му е доста од говори. Сакам да ја деескалирам вообичаената атмосфера на Мечкин Камен, која често е проследена со навреди кои повеќе разединуваат отколку што обединуваат“,
изјави Пендаровски.
Освен што ќе нема говори, на Мечкин Камен ќе ги има другите настани. Делегациите ќе пристигаат како и досега, пеш меѓу кордонот граѓани. Ќе има положување венци и културно-уметничка програма. Прво, ќе говори актерот Никола Ристановски, кој ќе пренесе илинденски пораки и ќе го чита Манифестот. Потоа, ќе настапи ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, па албанскиот ансамбл на народни ора и песни во С Македонија. Програмата ќе продолжи со гитаристот Влатко Стефановски, а ќе ја затвори Воениот оркестар.