ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Некои работници сѐ уште чекаат К-15

Иако веќе неколку години по ред се исплатува регресот за годишен одмор, наречен уште и К-15, и понатаму има изманипулирани работници, исплатен па вратен регрес, преполовена исплата на регресот и ред други прекршувања на одредбата. Исплатата на регресот за годишен одмор е обврската воспоставена со Општиот колективен договор (ОКД) за приватниот сектор од областа на стопанството и како задолжителна треба да се реализира до крајот на годината.

– Сојузот на синдикатите на Македонија има служба за бесплатна правна помош за членови на синдикат, за права од работен однос. Во врска со правото на регрес за годишен одмор во првата половина од оваа година се евидентирани 22 обраќања. Правните застапници на ССМ им укажуваат на работниците дека за остварување на правото на регрес за годишен одмор е потребно да се обратат кај работодавецот во компанијата, а доколку неосновано и неоправдано, спротивно на законот работодавецот не сака да го исплати регресот, можат да се обратат до Државниот инспекторат за труд или да поведат постапка пред суд. Практиката покажа дека во компаниите каде што работниците се синдикално организирани ова право се остварува во целост, односно синдикално организираните работници се информирани и оспособени за препознавање на правата од работен однос што им следуваат во согласност со законот, како и за начинот и постапката за нивно остварување и заштита – вели Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Од граѓанските здруженија досега неколкупати укажуваа на манипулациите што се прават при исплатата на К-15 и притоа посочуваа дека работниците за нив кажуваат дури откако ќе ја напуштат фирмата. Оттаму велат дека се исплаќаат износи од 500 денари за К-15, бидејќи не е утврдена минимална сума, и објаснуваат дека со потпишување договор меѓу компанијата и претставник на работниците, со кој се посочува дека фирмата работи со загуби, се утврдува помал износ на регресот отколку што е предвидено со договорот.
Има и ситуации кога работници не добиле регрес бидејќи заминале во друга фирма или на породилно отсуство.

Сојузот на синдикатите на Македонија и Организацијата на работодавците, со потпишување на Спогодбата за измени и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството, во 2013 година го уредија правото на регрес за годишен одмор за вработените во приватниот сектор.
Во согласност со членот 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40 отсто од основицата, под услов работникот да работел најмалку шест месеци во календарската година кај ист работодавец.

Основицата за пресметување е просечната месечна нето-плата по работник во Република Македонија исплатена во последните три месеци. Со колективен договор на ниво на дејност или колективен договор на ниво на работодавец може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор. Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината.

– Кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето, ценејќи ја економско-финансиската состојба на работодавецот, по задолжителна претходна консултација со синдикатот на ниво на гранка, односно оддел, со спогодба потпишана од работодавецот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со овој колективен договор. Кај работодавците кај кои нема формирано синдикат спогодбата се потпишува со избран претставник од работниците – појаснува Трендафилов од ССМ.

Од Организацијата на работодавци на Македонија велат дека немаат точен податок колку компании веќе исплатиле К-15, но посочуваат дека подобрите компании регресот го исплатиле уште пред одморите. Сепак, од ОРМ додаваат дека некои финансиски послаби компании го исплаќаат К-15 на рати до крајот на годината.

– Постојат компании за кои овој надоместок претставува голем трошок и сакаат да ги применуваат одредбите од измената на членот 35 став 1 од ОКД за можноста за исплата на помал износ од пропишаниот. Бидејќи ОКД прецизно не ги дефинира поимите „тешкотии во работењето“ и „економско-финансиската состојба на работодавецот“ кај овие компании се јавуваат одредени тешкотии, особено кај оние каде што не постои синдикална организација и каде што потпишувањето на спогодбата за исплата на помал износ на К-15 треба да се направи со избран претставник од работниците. Јас се надевам дека со претстојните преговори со ССМ ќе успееме попрецизно да ги дефинираме овие поими за да може нивната примена да биде јасна и за работниците и за работодавците, но и за инспекторите – вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.
Димитров појаснува дека одредени компании понекогаш, за да исплатат К-15, им кратат на работниците на други примања.

– Мислам дека случаите на исплата на К-15, а потоа барање да се вратат парите назад се изолирани и не верувам дека некој работодавец ќе се осмели да го прави тоа кога знае дека за тоа е предвидена и кривична одговорност. Од друга страна, на пазарот на трудот има сѐ помалку работници и работодавците се свесни за овој проблем и односот кон работниците е многу сменет од она што било пред 20 години – додава Димитров.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.