„Недела неработен ден“ помина на прво читање во Собранието: Што предвидува законот?

Исклучок се прави во дејности каде не може да се прекине работниот процес, како што се рудници за метал и јаглен; аптеките; производството на леб; претпријатијата за снабдување го гас, струја вода; медиумите; телекомуникациите; транспортот…
Воведувањето на недела како ден за одмор денеска го помина првиот собраниски филтер. Тој се воведува преку измени во Законот за работни односи за кои членовите на собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска едногласно оценија дека се прифатливи и може да се испратат на натамошно, второ читање.
Исклучоци од ова правило е во оние дејности каде не може да се прави прекин на работниот процес.
Министерката за труд и социјална политика посочи дека овие измени ќе ја променат сликата во градовите низ земјата, нема да има супермаркети што ќе работат, освен големите молови. Таа смета дека со ова се прави баланс на приватниот и професионалниот живот, а во дискусијата во собраниската комисија посочи дека ваквото законско решение е прифатливо и за Сојузот на стопански комори кој, нагласи министерката, правел анкета кај своите членки од кои околу 70 проценти се изјасниле дека истото е прифатливо за нив. Исто така, нагласи Шахпаска, поддршка има и од Организацијата на работодавци.
Наспроти нејзиниот став дека ова не е избрзано решение бидејќи неговата подготовка траела шест месеци и се слушнале сите страни, пратениците од опозицијата сметаа дека треба да се одржи расправа во рамки на Собранието и да се поканат претставници на коморите и синдикатите. Дел од опозициските пратеници изразија и загриженост дека можеби ова е лош момент за носење на вакво законско решение бидејќи во услови на економска криза предизвикана од пандемијата може да доведе и до дополнителни отпуштања од работните места.
Кои дејности се исклучок
Законот предвидува дека во оние дејности каде работниот процес е од таква природа што не може да се прави прекин поради техничко-технолошкиот процес, ден за одмор ќе биде друг ден во неделата.
Така, како исклучоци се набројани следните дејности:
- одгледување на животни;
- мешовито фармерство;
- вадење на јаглен и лигнит;
- вадење на руди на метал;
- печатење и издавање на весници;
- производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити;
- производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси;
- производство на индустриски гас;
- производство на метали;
- аптеки;
- снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација;
- снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината;
- копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт;
- складирање и помошни дејности во превозот;
- објекти за сместување;
- дејности за подготовка на оброци и служење на храна;
- филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма;
- емитување на програма;
- телекомуникации;
- информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет портали и сл.);
- прикажување на филмови;
- фотографски дејности;
- ветеринарни дејности;
- изнајмување и давање под закуп (лизинг) на моторни возила;
- дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи;
- дејности на повикувачки центри;
- општи дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување на седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес;
- работи на одбраната;
- судски и правосудни дејности;
- работи на јавниот ред и безбедноста;дејности на пожарникарската служба;
- дејности за здравствена заштита;
- дејности на социјалната заштита со сместување;
- креативни, уметнички и забавни дејности;
- дејности на музеите;
- дејности на зоолошки градини и природни резервати;
- спортски, забавни и рекреативни дејности;
- погребни и слични дејности;
- царинска служба на гранични премини;
- дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавецот од дејностите од овој став;
- работни места од други дејности кои не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавецот.
Работниците од областа на трговијата на мало и трговијата на големо денот за одмор ќе го користат согласно Законот за трговија.
Понатаму, предлог-измените предвидуваат дека слободниот ден работникот има право да го искористи во наредните седум дена.
Покрај тоа, ќе треба да им се даде и додаток на плата од најмалку 50 проценти за секој час поминат на работа во недела, во случај кога законот или колективниот договор не предвидуваат повисок додаток.

Фирмите кои ќе работат в недела, ќе треба да го известат Државниот инспекторат за труд.
Оние кои нема да го почитуваат законот, се предвидуваат парична казна и решение за забрана на работа од 15 дена во работната просторија каде е утврдена неправилноста. Ако се повтори прекршокот, тогаш од трудовиот инспекторат ќе следува забрана за работа од 30 дена и барање за поведување прекршочна постапка. За ваквите решенија работодавците ќе имаат право на жалба до второстепен орган која не го одлага извршувањето.

Предлог-измените предвидуваат во рок од 60 дена по нивното стапување на сила да се донесат и подзаконските акти, а недела како ден за одмор да почне да се применува од 1 октомври.