На сила е прекинот на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан, но и двете држави тврдат дека се прекршува
Договорот за прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан стапи на сила напладне по локално време, договорен по 10-часовните преговори во Москва, но двете страни меѓусебно се обвинуваат за кршење.Азербејџанските сили и властите на Нагорно Карабах, енклава населена со Ерменци, се обвинија едни со други за бомбардирање и ракетирање во саботата наутро и пред стапувањето во сила на примирјето, и продолжиле попладне.
„Азербејџанските сили нападнаа во 12.05 часот по стапувањето на сила на примирјето напладне по локално време (10 часот по средноевропско време), соопшти ерменското Министерство за одбрана.
Контра-обвинение изнесе и азербејџанската страна.
„Непријателот бомбардира населени места“, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана 30 минути попладне.
Во градот Степанакерт, главниот град на Нагорно Карабах, одекнаа сирени пред пладне, а жителите првпат излегоа на вратите на своите куќи по деновите поминати во засолништа обидувајќи се да се заштитат од бомбардирањето, јави дописникот на Франс Прес.
Ерменија и Азербејџан се договорија за прекин на огнот поради хуманитарни цели, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рано утрово по 10-часовните разговори со колегите од двете земји.
Средбата на министрите за надворешни работи на двете земји беше првиот директен контакт меѓу Ерменија и Азербејџан по избувнувањето на новиот конфликт кон крајот на септември.
Енклавата Нагорно-Карабах од времето на Советскиот Сојуз, населена со претежно христијански Ерменци и малцински шиитски Азербејџанци, му припадна на Азербејџан по распадот на Советскиот Сојуз, предизвикувајќи војна во која загинале околу 30.000 луѓе меѓу 1990 и 1994 година. Таа војна беше замрзната со договорот за прекин на огнот во 1994 година, но честите конфликти продолжија, а Вашингтон, Париз и Москва, како копретседавачи на Минската група на ОБСЕ, скоро три децении посредуваат по прашањето за Нагорно Карабах.
Последниот судир што изби на 27 септември предизвика 400 жртви и е најтешкото кршење на договорот од 1994 година.
Европската унија предупреди дека новиот конфликт околу Нагорно Карабах може да прерасне во регионална војна во која ќе бидат вклучени Турција и Русија.
Турција е близок сојузник на Азербејџан, а Русија потпиша договор за одбрана со Ерменија.
Нагорно Карабах има вкупно население од околу 140.000 жители, од кои 99 проценти се Ерменци, а повеќето Азербејџанци побегнаа по војната во 90-тите.