ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

На седмиот ден од руската агресија во Украина жестоки борби во многу градови

На седмиот ден од руската агресија против Украина жестоки борби во градовите Харков, Житомир, во предградијата на Киев и други области на истокот на земјата. Во Харков, каде што беше гранатирана зградата на локалната власт, беа пријавени повеќе од 20 цивилни жртви, а над 120 повредени, додека вкупниот број на цивилни жртви достигна над 2.000 од почетокот на борбите.

Украинските власти соопштија дека владините сили се спротивставуваат на руските напади, а од кабинетот на претседателот тврдат дека украинските сили за првпат започнале контраофанзива. Министерството за одбрана на Украина објави нов биланс од борбите. Убиени 5.480 руски војници, уништени 30 авиони, 31 хеликоптер, 221 тенк, како и околу 1.000 други оклопни возила, вклучително и 9 противвоздушни системи. Претседателот Зеленски уште еднаш ги повика руските војници да ги отфрлат наредбите на нивните претпоставени и да се вратат во Русија.

„Руските мајки ги губат своите деца во апсолутно туѓа земја за нив. Помислете на таа бројка, речиси 6.000 руски војници се убиени“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Елитни чеченски паравоени единици се обиделе да го убијат украинскиот претседател, но официјални лица изјавија дека нивниот напад бил одбиен.

Главната битка се очекува да се случи во Киев. Градоначалникот Виталиј Кличко ги предупреди жителите дека руските сили напредуваат, ги повика да не ги напуштаат своите домови и да се подготвуваат да го бранат градот.

„Руските сили се сè поблиску до нас. Се подготвуваме и ќе го браниме Киев. Ги повикувам сите граѓани на отпор“, рече Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

Руски воен конвој долг 64 километри се движи кон Киев. Руското Министерство за одбрана објави слики од воени хеликоптери кои го придружуваат конвојот.

Украинското претседателство соопшти дека на 4 март двата дома на рускиот Парламент ќе одржат вонредни седници на кои не се исклучува можноста во земјата да биде прогласена воена состојба како превентивна мерка. Таквата ситуација ќе му овозможи на Путин целосно да ги забрани протестите и да воведе финансиски ограничувања. Одлуката може да биде донесена поради зголеменото незадоволство кај Русите кои се противат на окупацијата на Украина.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.