Најтемната ноќ на Бихаќка – одблиску
Контурите на обемот на поразот на СДСМ се навестија уште по завршувањето на гласањето според невообичаено празното седиште на партијата и видливата отсутност на многу познати ликови. Иако светла допираа од сите прозорци на стаклената зграда, ниту во прес-салата, ниту во дворот немаше големи групи поддржувачи или членови. Сѐ до обраќањето на Димитар Ковачевски.
Кога тој излезе на партиската говорница да го потврди историски најлошиот резултат за партијата, од присутните беше дочекан со краток аплауз. Пет минути пред да пристигне, во салата влегоа и партиските челници, носители на листи и државни функционери.
Придружувани од партиската младина и од помалите коалициски партнери ја наполнија просторијата во која дотогаш беа само медиумските екипи. Новинарите безуспешно се обидуваа да добијат некој збор повеќе од нив. Обидите за контакти останаа на резервирани насмевки и поздрави.
„Резултатот е разочарувачки. На СДСМ му е зададен тежок удар. Не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“, рече Ковачевски и побара избор на нови партиски тела на сите нивоа, вклучувајќи и за неговата претседателска позиција.
„Тој процес не смее да биде долг, но никако стихиен или, пак, експресен“, рече Ковачевски.По обраќањето веднаш замина, не оставајќи простор за новинарски прашања. И повторно беше поздравен со краток аплауз, со каков што беше и пречекан. Заедно со него заминаа и неговите соработници.
Но, кратко по прес-конференцијата, партискиот потпретседател Фатмир Битиќи реши да дејствува брзо. Поднесе оставка со одложено стапување во сила.
„Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки што го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, најави Битиќи, инсистирајќи на оставки од сите.
Неговиот чекор отвори простор за шпекулации што точно се случувало пред обраќањето на Ковачевски и дали поранешниот премиер одбил веднаш да даде оставка.
Повикот за оставка претпладнево го послушаа потпретседателот Перо Костадинов и претседателката на форумот на жени Јована Тренчевска.