ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Најмладиот милионер во Македонија има шест, најстариот 101 година

Најмладиот милионер во земјава има само шест години, а најстариот 101 година. Управата за јавни приходи ги објави податоците за приходите на граѓаните во 2019 година според годишните даночни пријави.

На листата на граѓани со највисок доход доминираат скопјани, но на врвот сепак е битолчанец кој лани спечалил нешто помалку од 3,5 милиони евра. Најголема плата има стружанец вработен во металната индустрија, кој месечно во просек земал по 158 илјади евра, или на годишно ниво 1,9 милиони евра. Веднаш по битолчанецот со најголем остварен доход е скопјанска чиј годишен бруто доход изнесува 2,6 милиони евра.

– Во споредба со 2018 година кога највисокиот остварен доход беше 1.056.992.055 денари има значајно намалување, така што прворангираниот во 2019 година кога би се нашол на листата од 2018 година би бил деветорангиран, рече Лукаревска.

Највисоките бруто плати лани се исплатените во секторот здравство, кој во претходните години беше на врвот, потоа во аптеки, образование и производство на горна облека.

Највисока пензија приомил штипјанец. На годишно ниво од пензија имал приход од 130 илјади евра, или месечно по 11 илјади евра.

Според податоците на УЈП највисокото лично годишно примање кое не е по основ на плата изнесува околу 789 илјади евра и е добиено за привремено извршени услуги кон градежна компанија. Од капитална добивка најголем доход остварил скопјанец кој продал сопственички удел во странска компанија. За тоа земал 1,4 милиони евра. Највисока дивиденда му е исплатена на битолчанец, сопственик на бизнис од областа на градежништвото.

Самостојното вршење на дејност е најпрофитабилно за скопјани и во 10-те најдобро рангирани се наоѓаат адвокати, извршители и угостители. Земјоделството е најисплатливо во Скопскиот регион каде граѓанин од продажба на сопствени земјоделски производи остварил доход од 526 илјади евра. Највисокиот доход од закуп е остварен во Тетово, а највисокиот доход од авторски права во Скопје. Највисокиот доход од права на индустриска сопственост е остварен во Куманово.

Најсреќна во игрите на среќа била скопјанка, која добила 476 илјади евра.

Според директорката на УЈП, иако општите бројки се зголемени, сепак на индивидуално ниво доход не го достигнал нивото од 2018 година. Кај 35.363 граѓани утврден е бруто доход над еден милион денари, додека најголемиот број а граѓани, односно 638.210 оствариле бруто доход кој се движи од 100 илјади до еден милион денари.

Во 2019 година шест граѓани оствариле доход над 100 милиони денари што претставува намалување во однос на 2018 година кога имало 31 таков граѓанин. Вкупно 426 граѓани оствариле доход од 10 до 100 милиони денари.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.