ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Најголемиот непријател на француските претседатели му се заканува и на Макрон

Напорите на Емануел Макрон за трансформација на француската економија се соочуваат со најтешкиот тест за француските претседатели – штрајкот, објавува „Блумберг“.

Синдикатите кои ги претставуваат сите, од работниците во транспортот па до адвокатите, докторите, наставниците и студентите тргнуваат во штрајк на неодредено време, почнувајќи од денеска. Штрајкот ќе доведе до прекини на железничкиот и авионскиот сообраќај, како и до работата на училиштата и болниците ширум државата. На тој начин, „непријателот“ што доведуваше до соборување на претходните француски влади и претседатели, стигна и до Макрон.

Заканувајќи се дека ќе ја парализираат целата држава додека владата не попушти пред нивните барања, синдикатите се спротиставуваат на планот на Макрон за реформирање на пензискиот систем. Додека Макрон се избори со реформите на законите за даноци и за работнички права, минатите искуства покажуваат дека прашањето со пензиите нема да биде лесно. Во 1995 година, премиерот Алан Жупе се откажа од неговиот план за реформирање на пензискиот систем откако штрајкот ја парализираше Франција околу еден месец.

По една година од почетокот на движењето на „жолтите елеци“ што резултираше со насилни протести во Париз и во другите големи француски градови, штрајкот би можел да се претвори во еден од најголемите предизвици во мандатот на Макрон. Тој претставува и обединувачки фактор за сите незадоволни граѓани, кои имаат барања за повисоки плати и за пониски цени на горивата, како и за воведување на политики за заштита на животната средина.

На Макрон, кој објави даночни олеснувања во вредност од 17 милијарди евра за да ги смири „жолтите елеци“, му претстојат локални избори напролет, клучни за зацврстување на неговата партија пред претседателските избори во 2022 година.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.