ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Можност за укинување на евтината тарифа и повисоки сметки за домаќинствата кои трошат повеќе струја

Замрзнувањето на цената на струја е популистичка мерка, која нема да вроди со плод, смета вицепремиерот Битиќи. Шокот за граѓаните би бил поголем кога ќе заврши периодот на непроменети цени, затоа што на светските берзи цените  постојано растат. Затоа нашата Влада нема да го следи примерот на земјите од регионот, меѓу кои и  соседна Бугарија која од денска до крајот на март ги замрзнува цените на електрината енергија за домаќинства и на парното греење.  

И вицепремиерот и министерот за економија уверуваат дека поскапувањето на струјата по Нова година нема да надмине 10 отсто. Едно од решенијата за компензирање на загубите на енергетските компании е да се укине евтината дневна тарифа, но и да се водведе скалесто плаќање од јуни, односно домаќинстава кои трошат повеќе да плаќаат поголеми сметки.

– Тоа ќе биде за поттикнување на граѓаните да заштедат електрична енергија, а ќе има и опција на ранливите категории на граѓани да им се намали цената. Според бројките што ги имаме, има голем број на домаќинства што трошат многу електрична енергија и тие се најверојатно богати семејства. За нив дополнително ќе се зголеми цената, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

– Ние како што докажавме на 1 јули и на 1 јануари ќе докажеме дека цената ќе биде се уште најниска во целиот регион и ќе обезбедиме доволно електрична енергија за да продолжи да тече нормалниот живот онака како што треба, додава Битиќи.

Одлуката за колку ќе поскапи струјата треба да ја донесе Регулаторната Комисија за енергетика до крајот на месецот. Дел од енергетските компании веќе доставиле барање за повисока цена, со прикажани зголемени трошоци. Се чекаат уште пресметките на МЕПСО.

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.