Може ли „Францускиот предлог“ да ја разниша и владината коалиција?

Ќе ја разнишаат ли владината коалиција помалите партии кои се против францускиот предлог?
Канал 5 дознава дека вечерва Извршниот одбор на ЛДП ќе има на седница на која ќе расправаат за предлогот на Макрон, но и дали ќе останат во Владата или ќе ја напуштат. Прифаќањето на ваков предлог од страна на Владата може да го доведе во прашање нашето натамошно учество во истата и поддршката од наша страна. Решението ќе бидат нови избори за народот да каже кој е во право по ова прашање – велат партиски извори од ЛДП за Канал 5.
На иста линија се и Демократски Сојуз и ДОМ. Претседателите на двете партии потврдуваат дека и тие ќе носат партиски одлуки како ќе делуваат во Собранието ако францускиот предлог биде прифатен.
Маја Морачанин за Канал 5 вели дека ако македонската Влада го прифати, раководството на ДОМ ќе го разгледа на седница и ќе донесе одлука како партијата ќе делува понатаму во Собранието зашто се работи за прашање од национален интерес. На состанокот пред три дена во Владата коалицијата не добила детали за францускиот предлог со образложението дека формално не пристигнал, освен информацијата дека се уште го анализираат експерти.
-Сметам дека францускиот предлог не е прифатливо решение и не нуди можност за започнување на преговорите со Европската Унија. Отворените прашања со Бугарија треба билатерално да ги решаваме и тие не треба да бидат причина за блокирање на македонските евроинтеграции. Секако, македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори , смета -Маја Морачанин.
За овие партии е спорно тоа што билатералниот спор меѓу Македониај и Бугарија ќе стане европски, додека и предлогот и протоколот, велат, не гарантираат брз почетокот на преговорите со Европската Унија. ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз имаат по еден пратеник во Собранието и доколку излезат од коалицијата ќе падне Владата бидејќи ќе останат само 60 пратеници во мнозинството.
Во меѓувреме од МНР се уште молк- не споделуваат информации ниту со пратениците од опозицијата кои инсистираат на седница во Собрание да се откријат деталите од предлогот и протоколот. Според претседателот на комисијата за надворешна политика Антонио Милошоски, Османи и Ковачевски имале увид и учествувале во нивното усогласување заедно со Софија, па сега криењето на документите се показател дека се многу неповолни за Македонија.