Може ли минималната плата да се покачи за 100 евра?

Синдикатите бараат поддршка од пратениците. СДСМ предложи покачување на платите до 15.000 денари за 400.000 работници, а од Левица бараат платите да се исплаќаат до петти во месецот.Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не се откажува од барањето за зголемување на минималната плата, но и на останатите плати во Северна Македонија. Со оглед на тоа дека во март треба да се донесе одлуката за раст на минималната плата, синдикатите до Владата, работодавачите и координаторите на пратеничките групи во Собранието, излегоа со предлог за утврдување на минималната плата согласно законот, но и донесување на одлука со која минималната плата ќе се зголеми за дополнителни 6.000 денари. Тоа ќе повлече зголемување и на другите плати.
Што се однесува до дополнителното зголемување на платите од 6.000 денари, ССМ предлага работодавачите да бидат помогнати или субвенционирани за плаќање на придонесите за овие средства во период до 12 месеци.
„Созреано е времето социјалните партнери да си подадат рака и да го унапредат животниот стандард на работниците“,изјави на прес-конференција претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов. Тој посочи дека во регионот платите започнуваат од 450 до 800 евра.
Барањата на синдикатите се темелат на зголемените трошоци за живот, за што доказ е синдикалната минималната кошница која само за една година е поскапена за 100 евра. Тие бараат од Владата и пратениците да ги поддржат нивните предлози. Ако нема договор, можен е и генерален штрајк.