ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Може ли да се профитира од падот на вредноста на црното злато

Откога цените на нафтата паднаа и првпат во историјата отидоа во минус, поради колапсот на побарувачката и проблемите со складирањето, големите производители на овој енергент најавија дека ќе го намалат производството, со надеж дека ќе постигнат подобар биланс на понудата и побарувачката, но многу аналитичари велат дека тоа не е доволно. Светските медиуми деновиве пренесуваат голем број изјави и објаснувања за меѓусебното дејствување на побарувачката, производството и потрошувачката на нафтата, како и за верижниот пад на нејзината цена, почнувајќи од лондонската берза, што потоа беше проследено и со одлуки на ОПЕК и на властите во САД и во Канада.
Во услови на постојан развој на ситуацијата на глобален план, познавачите на состојбите во земјава велат дека во овие моменти е пресудно државата да дејствува мудро, но додаваат дека сепак за нашата земја не се очекуваат големи промени на ова поле.

Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), вчера изјави дека новите цени на нафтените деривати, кои треба да се објават наскоро, ќе бидат во границите на очекуваното, поточно дека нема да одат нагоре. Бислимовски истакна дека досега кај нас се нема случено цената на нафтата да оди негативно и дека ситуацијата во САД е предизвикана од недостигот од резервоарски простор. Според него, на европските берзи што ги користи РКЕ, таков пад немаше.
– Според нафтените аналитичари, ова може да доведе до повратен ефект од присилно намалување на понудата со нафта на пазарот, поради што може да дојде до уништување на производствените нафтени потенцијали, а потоа и нивната обнова ќе биде скапа и процесот ќе биде подолготраен – вели тој во однос на светските случувања со нафтата.

Во однос на барањето на Владата за зголемувањето на акцизата на горивата, Бислимовски вели дека ги разбира причините за зголемување на акцизата, бидејќи приходите на Владата се драматично паднати поради намалувањето на потрошувачката, вклучувајќи ги и нафтените деривати.
– РКЕ го поддржа изедначување на акцизата на дизелот со екстра-лесното за да се намалат малверзациите што се случуваа пред сѐ од транспортните компании што го користат екстра-лесното масло наместо дизелот.

Во овој момент цената на нафтените деривати во нашата држава е сепак убедливо најниска во регионот и споредено со земјите-членки на ЕУ. За споредба, цената на дизелот кај нас е 0,73 евроценти, во Бугарија е 0,95, во Србија 1,25, во Албанија 1,34 евроцент, а тоа е пред сѐ поради ниската вредност на акцизата – објасни претседателот на Регулаторната комисија.
Но економскиот аналитичар Ванчо Муратовски оди чекор понапред и препорачува дека токму сега е моментот нашата земја да ги искористи овие случувања и да се обиде да издејствува економска полза од историскиот пад на цената на нафтата. Конкретно, како што објаснува, надлежните треба да почнат со набавка на енергентите и со нивно складирање, бидејќи тие се витални за македонската економија.

– Доколку сме во ситуација, треба да ја исполниме нашата државна резерва со нафта и мазут за период од најмалку две години. Овој енергент, кој сега може да се набави по историски ниска цена, може да биде во иднина адут врз кој ќе се обнови македонската економија, која повеќе од два месеци е срушена од случувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот – вели Муратовски.
Според него, набавката на евтини енергенти ќе значи и идна животна инјекција за македонските компании што дејствуваат во индустриските гранки какви што се металургијата, производството на храна и слично. Тоа, како што додава, во прв план, би било стратегиска помош на државата кон индустријата, а во втор план мерка за намалување на цената на нафтата и бензинот за потребите на граѓаните.
И поранешниот премиер Љупчо Георгиевски во своето телевизиско обраќање на темава изјави дека сега е време за визионерски чекори.

– Нафтата никогаш не била поевтина на берзите, и ако брзо купиме нафта за 100-200 милиони евра, ќе обезбедиме евтини енергенти – изјави тој.
Според Георгиевски, оваа состојба ќе биде предност во идниот период, кога ќе се соочуваме со економски последици. Во исто време, тој смета дека треба да се зголемат и резервите на злато во Народната банка, бидејќи единствено на златото му расте цената, а ваквите резерви, ако навреме се направат, ќе бидат клучни за Македонија.
– Јас сега гледам само обиди за гаснење одредени пожари во економијата, а не визионерски чекори. Ја повикувам Владата да ја сфати многу сериозно целата оваа ситуација – вели Георгиевски.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.