ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Могерини: Алтернативата на дијалогот меѓу Белград и Приштина може да биде многу опасна

Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини тврди дека алтернативата на сериозниот и посветен дијалог меѓу Белград и Приштина може да биде многу опасна. Таа ги повика двете страни да се вратат во Брисел и да го продолжат „плодоносниот процес на дијалогот“.

„Видовме напредок во претходните години и се надевам дека така ќе продолжи“, порача Могерини по средбата со српската премиерка Ана Брнабиќ во рамки на Советот за спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Србија.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ повтори дека позицијата на Брисел е јасна кога станува збор за царините и трансформацијата на косовските безбедносни сили.

„Повеќе пати побаравме од косовските власти да ги повлечат воведените царини. Предложивме Косово и Србија да одржат разговори кои ќе овозможат решавање на таквите прашања преку дијалог, а не со наметнување такси кои ги кршат договорите за слободна трговија“, изјави Могерини.

Кога станува збор за формирањето „косовска војска“, таа истакна дека ставот на ЕУ е ист како тој на НАТО.

„Мандатот на косовските безбедносни сили може да се промени само преку инклузивен и постепен процес во согласност со косовскиот устав. Очекува од Косово да ги почитува своите законски обврски, особено во однос на Бриселскиот договор од април 2013 година и другите безбедносни аранжмани“, кажа Могерини.

На прашањето како ги коментира обвинувањата на (косовскиот премиер Рамуш) Харадинај дека таа е крива за крахот на дијалогот, таа кажа дека на средбата со него не биле изнесени такви обвинувања.

Могерини изрази надеж дека Белград и Приштина ќе одберат искрено да се ангажираат на наоѓањето сеопфатно решение за сите отворени прашања еднаш засекогаш без оглед на тежината.

„За ЕУ перспективата која ја одбравте потребна е нормализација на односите и соочување со тешкотиите. Алтернативата на сериозниот дијалог во кој двете страни вистински се ангажираат е многу опасна. Не сакам ни да помислам што е алтернативата на дијалогот“, заклучи Могерини.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.