Мицкоски ја негира Русковска: Не сум одбил соработка со обвинителството, не сум бил контактиран за Рекет

Груба невистина е изјавата на Вилма Русковска дека одбивам соработка со обвинителството. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вели дека од јули годинава водел СМС комуникација со шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, но до денес таа не побарала да разговара со него за случајот „Рекет“.
„Ми прати порака, се јавив, итно ли е, ако е итно дојдете тука сум на состаноци, не е итно, деновите не можев. Се договоривме после 15 август и пратив порака ми рече во ред, ќе ве побарам – еве денска сме 30 октомври се уште ниту некој ме побарал ниту некој се одзвал. Инаку таа прес конференција на која што госпоѓата Русковска вчера ретерираше, се одржа на 11 септември. Што значи дека и тука не е точна нејзината изјава дека јас сум мафтал со некакви документи и затоа она ми се јавила“, изјави Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според Мицкоски, лагите кои ги изнела Русковска имаат политичка заднина и се директно поврзани со актуелната власт.
„Навистина сум разочаран поради лошата состојба во правосудството и тесната врска помеѓу власта, обвинителството и судството. Сите овие искажани невистини, сите овие лаги имаат единственаа цел да му слугуваат на Зоран Заев. Навистина чудно како може да прејудицира обвинител кој што треба практично да биде странка и да ги заштитува интересите на правдата и законите нешто за што воопшто не се случило. Не е таа тука судија што ќе суди дали јас сум подготвен да соработрувам или нема да бидам подготвен да соработувам“, вели Мицкоски.
Русковска вчера во телевизиско интервју рече дека не очекува лидерот на опозцијата да соработува со обвинителството за случајот „Рекет“ и не ја отфрли можноста Мицкоски да биде повикан на распит.
„Јас сум сигурна дека не може да помогне односно дека нема да сака да помогне а не ја исклучувам можноста и да биде повикан. Го побарав на телефон оти на една прес конференција имаше изјавено дека ете него никој не го викнал во обвинителството а он знаел и за други случаи. Му се јавив на телефон, он рече дека тој не го кажал тоа така, го прашав дали имал сознанија дека и од некои други луѓе биле земани пари, рече дека ќе размисли“, изјави Вилма Русковска, Шеф на обвинителство за гонење организиран криминал корупција.
За владеачката партија, изјавата на Мицкоски е јасна спрега за одбрана на криминалци и тајкуни на ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ, велат дека Христијан Мицкоски покажал дека работи против правната држава и загрозување на датумот за почеток на преговори со ЕУ.