Мицкоски: Уставни измени нема да поддржиме, а по изборите подготвени сме за разговори со властите во Софија
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара, да видиме, доколку има желба од таа страна, како ќе излеземе од оваа мртва состојба во којашто оваа влада и авантурите на (Бујар) Османи, на (Димитар) Ковачевски и (Стево) Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното интервју во емисијата „Анализа“ на ТВ 24
Вакви какви што се уставните измени ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи ниту сега ниту во иднина. Овој добро познат став лидерот на најголемата опозициска партија во државата го повтори и во вчерашното интервју во емисијата „Анализа“ на ТВ 24.Одговарајќи на прашања, Мицкоски рече дека уставните измени и да се стават на гласање во Собранието пред претседателските и парламентарните избори, закажани за 8 мај, тие нема да поминат затоа што нема 80 пратеници кои би се изјасниле позитивно во однос на нив.
„Па добро и да се стават, што, тоа не менува ништо, не разбирам што би сменило тоа, ќе бидат, ќе нема 80 пратеници што ќе гласаат ‘за’, тоа е“,
рече Мицкоски.
Инаку, прашањето на уставните измени во разговорот се наметна во насока на коалициските капацитети на ВМРО-ДПМНЕ со партиите на Албанците, особено оние од опозицискиот блок, кои како услов за соработка го посочуваат усвојувањето на уставните измени.
„Две работи да ги разграничиме. ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и за свој сојузник го гледа народот, граѓаните во Македонија, да расчистиме. Тоа е веќе процес на формирање на влада и тоа е сосема поинаков процес. Е сега доаѓаме до уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ има јасен став: вакви какви што се уставните измени е дека нема да ги поддржиме, нема да ги гласаме. Не само сега, и во иднина. И во иднина нема да ги гласаме. Има ВМРО-ДПМНЕ аргументи зошто е тоа така и тие аргументи сме ги презентирале многу пати и во јавноста. Имаме свој став и го браниме тој став. Дали некој мисли дека тој став е исправен или не е исправен, тоа е прашање на тој што дава суд по тој став, но ВМРО-ДПМНЕ си има јасна позиција и јасно кажува зошто нема да поддржи уставни измени под бугарски диктат“,
рече Мицкоски.
Но, како што додаде тој говорејќи на темата, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата да се сретне со властите во Софија и да разговара за изнаоѓање решение од, како што рече, оваа мртва состојба во која оваа влада го довела евроинтегративниот процес.
„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по формирањето на новата влада да седне со властите во Софија и да разговара да видиме, доколку има желба од таа страна, како ќе излеземе од оваа мртва состојба во којашто оваа влада и авантурите на (Бујар) Османи, на (Димитар) Ковачевски и (Стево) Пендаровски ја доведоа Македонија во евроинтегративниот процес“,
кажа Ковачевски.
Мицкоски не верува дека ЕУ не би поддржала влада која е избрана од народот
На прашањето дали е можно по изборите да имаме нова влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ која нема да ја има неприкосновената поддршка на меѓународната заедница бидејќи сите дипломати од ЕУ и од Вашингтон беа јасни дека услов за продолжување на евроинтегративниот пат се уставните измени и дека нова Преговарачка рамка не е возможна, Мицкоски рече оти не верува дека ЕУ не би поддржала влада која што е избрана од народот.
Сарацин: Преговарачката рамка е донесена и не може да се промени, нереално е да се очекува нејзино повторно отворање
„Ако народот даде недвосмислена поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, како земја кандидат не верувам дека некој од Европската Унија ќе се дрзне во еден ваков изборен процес да не го поддржи тоа. Ова можам да ви го потврдам и докажам со многубројни проекти финансирани од Европската Унија во општините каде што имаме градоначалници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Каде што претставници на меѓународна заедница, каде влијателни земји членки на ЕУ редовно остваруваат комуникација со градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто? Затоа што Европската Унија поддржува институции, а народот ги избира институциите. Ние може и да не се сложуваме со одредени политики, можеби ние сме потврди за некои политики, а помеки за некои други политики. Можеби ние за националните теми ќе бидеме многу поподготвени и поаргументирани во споредба со оваа влада, но можеби ќе бидеме полиберални во економските политики. Можеби во образовните политики ќе бидеме поинаку позиционирани, тоа е веќе предмет на дебата, но од формален аспект гледано нема политичар во Европската Унија кој што ќе ја оспори волјата на народот во една демократска држава и во држава во којашто народот јасно и недвосмислено ќе даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ да ги создаде институциите“,
рече Мицкоски во интервјуто додавајќи дека институциите се тие коишто добиваат или губат поддршка.
ЕУ останува стартегиска цел за ВМРО-ДПМНЕ
Во однос на прашањето дали изборите ќе бидат референдум „за“ и „против“ Европската Унија, како што тоа често се прикажува во јавноста, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не се согласува со таа теза.
„Тоа е погрешно. Со тоа јас не се сложувам. Сите ние сме, дури и вие како што кажавте политичката партија Левица сме за Европската Унија, но можеби патот до таму поинаку го гледаме споредено со Маричиќ и останатите. Тоа останува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ и тука никој не треба да има дилема“,
