Мицкоски во офанзива со нова стратегија: „Македонија за сите луѓе“
Во предвечерјето на роденденот на партијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Охрид ќе промовира нова политичка стратегија, но и повеќе бои како синоним на партиско-обединувачкиот спектар.
Дојде денот Д, кој лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го најави како почеток на пресврт. Пред четири дена тој го предзивика интересот кај јавноста, кога од Хераклеа, крај Битола, најави новитет кој ќе биде соопштен еден ден пред роденденот на партијата, основана на 17-ти јуни 1990 година.
„Бидете трпеливи, 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија. Од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет, на посебен настан. ВМРО-ДПМНЕ е стеблото, ВМРО-ДПМНЕ е покривката која обединува луѓе. ВМРО-ДПМНЕ е на вистинските патеки и запаметете: 16-ти јуни е она што сите го очекуваат”, најави Мицкоски.
Секој е важен
„Она што лидерот на опозицијата го најави од Хераклеа како новитет во делувањето на партијата, својата промоција ќе ја доживее денеска во Охрид“, потврдуваат партиски извори.
Тие посочуваат дека ќе биде објавена нова политичка стратегија – „Македонија за сите луѓе“, која ќе опфаќа јасна визија за идното делување и обраќање на ВМРО- ДПМНЕ.
„Целта е да претставиме дека секој еден е важен, дека секој има свои вредности кои ние ги почитуваме, дека секој е значаен во оваа битка и дека сите треба да се здружиме. Целта е да ги збиеме редовите, да си подадеме рака и да се обединиме, затоа што имаме противник кој не бира средства, а кој работи контра македонските интереси, произведува сиромаштија и целосно ги изневерува стратешките цели на државата“, брифираат од партијата.
Според објаснувањето, таа политичка стратегија опфаќа и повеќе активности на терен, со кои ќе се остварат политики што ќе овозможат заштита на националните, општествените и државни интереси. Новата политичка стратегија вечерва темелно ќе ја презентира лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, кој ќе има обраќање во Охрид.