ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Мицевски: СДСМ и ДУИ го блокираат носењето на законите од Петтиот пакет мерки

Откако стана јасно дека парламентарното мнозинство нема 61 пратеник, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска даде предлог да се закаже посебна седница на која што ќе бидат разгледани законите поврзани со финансиските мерки од аспект на пандемијата и законите од овој петти пакет мерки да поминат, но сепак овој предлог не беше прифатен, изјави на прес-конференција шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски. Тој нагласи дека е очигледно дека блокадата на законите всушност доаѓа од СДСМ и ДУИ.

Побаравме законите да бидат одделени и ставени на посебна седница со цел да бидат изгласани имајќи предвид  дека роковите одамна се поминати и да може да им се помогне и на стопанството и на граѓаните, нагласи Мицевски и обвини дека стана јасно кој го блокира Собранието и на кого не му е грижа за здравјето на граѓаните, туку се занимава со политиканство и злоупотреба на здравствената криза.

„Додека смртните случаи од корона вирусот се зголемуваат, и кога на очиглед на јавноста се покажа дека оваа власт е крајно неспособна да обезбеди вакцини и да го заштити населението, СДСМ, Заев и Филипче единствено што ги интересира е како да профитираат од оваа криза и си играат со судбините на граѓаните, играјќи игри во кои наместо да работат за граѓаните, економијата и стопанството, тие се занимаваат единствено со тоа на секој можен начин да избегнат одговорност и да ја обвинат опозицијата“, рече Мицевски.

Тој нагласи дека законите од овој таканарешен петти сет на економски мерки не се блокирани од ВМРО-ДПМНЕ, туки од СДСМ и ДУИ.

„Доколку им беше навистина грижа за граѓаните немаше да го одбијат овој наш предлог експресно да се донесат овие закони. Тие го користат овој пакет закони бидејќи знаат дека немаат кворум, нешто што е нивна обврска, туку сакаат да ја искористат опозицијата да им обезбеди кворум и на утрешната закажана седница да протуркаат штетни закони за кои треба да се дебатира”, рече Мицевски и додаде дека упатува апел до парламентарното мнозинство да разбере дека во парламентот треба да се бори за интересите на граѓаните, а не да биде послушно на „погубните политики на Заев и СДСМ”.

Мицевски наведе предлог одлуки и закони за кои би се гласало – одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија; закон за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено-економската криза за месеците февруари и март; закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза, заради исплата на платите за месеците февруари и март и законот за изменување на Законот за данокот на личен доход.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.