Министерството за економија го одби барањето на сметководителите
Нема продолжување на рокот за поднесување на завршните сметки. Министерството за економија го одбило барањето на сметководителите, роковите да бидат продолжени. Oбразложението е дека ќе биде нарушен квалитетот на статистичките извештаи поврзани со ЕУ. За сметководителите одговорот од Министерството е апсурден имајќи во предвид дека најголемиот дел од европските земји имаат подолги рокови за поднесување на извештаите. Бараат институциите итно да ја преиспитаат одлуката.
За каков квалитет на статистичките податоци зборувам, кога немајќи доволно време за изработка фокусот на сметководителите ќе биде искучиво на запазување на ригидните и кратки рокови, со што се доведува во прашање анализата и веродостојноста на податоците, а со тоа ќе се доведат во загрозена позиција и сите претпријатија кои подеднакво одговараат за овие извештаи“, рече Драган Митковски, Претседател на комора на сметководители.
Од Министерството за економија не појаснија која е конкретната причина за одбивање на ова барање од сметководителите, туку само дека е донесена заеднички со неколку институции.
„Во консултација со надлежните институции, Централен регистар и Министерство за финансии донесена е заедничка одлука да се почитуваат роковите согласно Законот за трговски друштва“, се наведува од Министерството за економија.
Сметководителите велат дека нивното барање е разумно бидејќи кризата им ја зголемила работата, а ги намалила човечките ресурси. Бараат роковите да бидат продолжени до 30 април за понесување на извештаите во хартиена форма, а до 15 мај електронски. Законските рокови за поднесување на завршни сметки истекуваат на крајот на овој месец.