Минималната плата за април, мај и јуни останува 14.500 денари

Владата одлучи загарантираната минимална плата во државата во април, мај и јуни да остане 14.500 денари, иако според Законот со кој таа се регулира овој месец требаше да порасне на 14.934 денари.
Замрзнувањето на минималната плата за период од три месеци на висината што досега ја имаше, Владата го направи со уредба со законска сила, што се применува од петокот, кога се објави во „Службен весник“.
Инаку, според членот 4, став 2, од Законот за минимална плата, нејзината висина во бруто-износ, почнувајќи од овој месец, требаше да биде 21.776 денари, што значи дека нето минималната плата требаше да се зголеми за 435 денари и да изнесува 14.934 денари.
Растот на минималецот требаше да се случи поради растот на просечната плата, трошоците за живот и растот на бруто домашниот производ, кои Законот за минимална плата ги зема како параметри за нејзина корекција.