Минималецот поминува низ собраниските тела, амандмани за раст и на другите плати
Измените во Законот за минимална плата ќе се носат по скратена постапка. Со 101 гласа ЗА и ниту еден против, пратениците од власта и опозицијата сложно дадоа зелено светло минималецот да оди на комисиска расправа. Опозициските партии ќе го поддржат законот, но ќе поднесат амандмани со кои ќе бараат да се зголемат и останатите плати.
„Ние ќе го подржиме тоа и не само тоа, туку денеска подготвуваме амандмани со кои ќе бараме ниеден граѓанин во државата да не зема плата под минималната и од друга страна ќе бараме усогласување на минималната плата со сите останати дејности според колективните договори.Пред сè во образованието, вработените во администрација и во други дејности“, вели Илире Даути- Пратеничка на Алијанса на албанците.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе бара зголемување на останатите плати во јавниот сектор согласно растот на минималецот.
„Кога ќе започне комисијата ние ќе интервенираме амандмански како што најавивме сакаме да направиме интервенција во членот 8 каде што ќе ги усогласиме барањата на работниците и репрезантивните синдикатите и за скалесто усогласување на останатите плати“, изјави Бојан Стојаноски- Пратеник од ВМРО.
Од пратениците на власта засега нема потврда дали би ги поддржале најавените амандмани бидејќи велат дека постојат колективни договори со кои платите и онака би требало скалесто да растат.
„Скалестото покачување во колективните договори си постои член според кои бодот се утврдува согласно минималната плата, нормално дека колективните договори ќе се почитуваат…“, наведе Даниела Колева- Пратеник на СДСМ.
Измените на Законот за минималната плата треба да се најдат на Комисијата за труд и социјална политика, на која ќе има три дена амандманска расправа. Откако законот ќе биде донесен минималната плата од април ќе биде 18 илјади денари, а ќе се смени и методологијата за пресметка на минималната плата на годишно ниво.