Мигрантите се обидуваат на секој начин да ја пробијат грчката граница
Група мигранти во саботата се обидоа да ја урнат оградата во очајнички обид да ја разбијат границата кон Грција, додека други фрлаа со камења кон грчката полиција. Грчките власти реагираа, пукајќи солзавец кон младите мигранти, известува texarkanagazette.com.
Овој портал пишува дека ,, групи претежно млади мажи врзале јажиња на оградата во обид да ја урнат. Некои извикуваа „Алах е голем“, додека други извикуваа „Отворете ја границата“.
Најмалку двајца мигранти се повредени во последниот судир меѓу грчката полиција и мигрантите собрани на турската страна на граничниот премин кај грчкото село Кастијанс.
Солзавец и експлозии ја претворија затворената тампон зона кај Пазаркуле, на турската граница, во борбена зона меѓу мигрантите и грчката гранична полиција.
Додека турската полиција им забрани на новинарите пристап до импровизиран камп за мигранти во Пазаркуле, некои мигранти успеваат да го искористат патот назад за да ги раскажат своите приказни.
Еден од нив е иранчанец, кој зборуваше за „Франс 24“ за секојдневното насилство врз мигрантите од страна на грчките гранични патроли, како што велат тие.
„Овие се солзавци и гранати за чад што грчката влада ги фрла кон луѓето што се на границата“, рече тој.
„Еден Авганистанец, мој пријател, беше удрен со канистер со солзавец во близина на граничната ограда. Отидов да помогнам, тие исто така испукаа солзавец и јас се повредив“.
Илјадници мигранти се упатија кон копнената граница на Турција со Грција, откако владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган минатата недела соопшти дека веќе нема да ги спречува мигрантите и бегалците да преминуваат на територијата на Европската Унија. Грција распореди полицајци и граничари за да ги одврати луѓето што се обидуваат да влезат во земјата од море или по копно.
Од своја страна и Турција пред три дена распореди 1.000 специјалци кои ги ставија во тампон зона мигрантите. Не им дозволуваат враќање назад, а ги бодрат со солзавци и чадни бомби како одговор на грчките безбедносни сили.
Ердоган планира во понеделник да оди во Брисел во еднодневна работна посета. Во изјавата од неговата канцеларија не е наведено каде ќе биде за време на неговата посета или причината зошто тој се упати кон седиштето на ЕУ.
Соопштението за неговиот пат во Брисел беше издадено неколку часа откако министрите за надворешни работи на ЕУ на состанокот во Хрватска во петокот ја критикуваше Турција, велејќи дека таа го користи очајот на мигрантите „за политички цели“.
Во изјавата во саботата, грчката влада соопшти дека околу 600 луѓе, потпомогнати од турската армија и воената полиција, фрлале солзавец кон грчката страна на границата во текот на ноќта. Исто така, се вели дека имало неколку обиди за кршење на граничната ограда, а пожарите биле запалени во обид да ја оштетат бариерата.
„Обидите за нелегален влез на грчка територија беа спречени од грчките сили, кои ја одбранија оградата и користеа сирени и звучници“, се вели во соопштението.
Ердоган минатата недела објави дека Турција, во која веќе живеат повеќе од 3,5 милиони сириски бегалци, повеќе нема да биде чувар на Европа и изјави дека нејзините претходно заштитени граници со Европа сега се отворени.
Во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел во петокот, Ердоган рече дека договорот за миграција Турција – ЕУ веќе не функционира и дека треба да се ревидира.
Европските министри за надворешни работи рекоа дека ЕУ „силно ја отфрла употребата на Турција на миграцискиот притисок во политички цели“. Тие ја нарекоа ситуацијата на границата како неприфатлива и рекоа дека ЕУ е решена да ги заштити своите надворешни граници.
Грчките власти соопштија дека спречиле над 38.000 обиди за гранични премини во изминатата недела и уапсиле 268 лица – само 4% од нив Сиријци. Тие објавија дека имало уште 27 апсења во саботата, претежно мигранти од Авганистан и Пакистан.
Грција ја опиша ситуацијата како закана за нејзината национална безбедност и ги прекина барањето за азил за еден месец, велејќи дека ќе ги депортира сите нови мигранти без да ги регистрира.