Меј – Критичарите на договорот за Брегзит ги ризикуваат демократијата и економијата
Британската премиерка Тереза Меј денеска ги предупреди критичарите на нејзиниот договор за Брегзит дека со противењето на тој план ризикуваат штета за британската демократија и економија. Таа за „Мејл он сандеј“ изјави дека договорот кој го постигна со ЕУ е единствениот кој ги почитува резултатите од референдумот во 2016, ги штити работните места и овозможува извесност за луѓето и фирмите.
Премиерката Меј во декември беше принудена да го одложи гласањето за договорот во британскиот парламент, откако стана јасно дека пратениците би го отфрлиле.
Британскиот парламент ќе ја продолжи дебатата за договорот в среда, а гласањето сега е предвидено за наредната недела.
Според информациите, Меј размислува на пратениците да им понуди отстапки во врска со мерката која треба да спречи воспоставување цврста граница меѓу британската Северна Ирска и Ирска, која е членка на ЕУ.