Меј доаѓа, проблемите остануваат: ЕУ-самитот во сенка на драмата околу Брегзит
Британската премиерка Тереза Меј дома се бори околу Брегзит-договорот со ЕУ. На самитот на ЕУ би требало да ѝ се помогне, но нема желба за какви било промени на договорот. ЕУ има и други проблеми.
По преживеаното гласање за недоверба во сопствената партија, Тереза Меј денеска учествува на самитот на ЕУ. „Таа доаѓа, но проблемите остануваат“, коментира дипломат на ЕУ во Брисел. Дали Меј ќе има успех во својата намера да добие уште една писмена изјава за Брегзит, е нејасно.
Британската премиерка денеска ќе добие уште еднаш 15 минути време да се обрати на самитот и на останатите шефови на држави или влади на ЕУ да им објасни зошто регулативата за границата помеѓу Ирска и Северна Ирска од британски аспект би требало да се подобри. Конечно, она што беше договорено – Северна Ирска да се поврзе тесно со ЕУ доколку до 2020 година не дојде до нов трговски договор со Обединетото Кралство – беше договорено со согласност на Тереза Меј, на 25 ноември годинава.
Но, Меј не може да го протурка т.н. „backstop“ во парламентот, па постои опасност од пропаѓање на целиот Брегзит-договор со ЕУ.
„Backstop“ е осигурителна мрежа, која е неопходна поради тоа што со Брегзит на ирскиот остров би имало надворешна граница на ЕУ, затоа што Ирска ќе остане во ЕУ, а Северна Ирска, како дел од Велика Британија – не. Но токму тоа на историски чувствителната граница би требало да се спречи, за да не се разгорат старите конфликти помеѓу Северна Ирска и Ирска. Тука е важноста на „backstop“, кој вели дека доколку ЕУ и Велика Британија во преодната фаза не дојдат до заеднички договор за трговија, тогаш цела Велика Британија останува во царинска унија со ЕУ, а Северна Ирска и во европскиот внатрешен пазар. Така би се обезбедил слободен проток на стока и би се избегнале гранични контроли.
„Поради тоа што се доближуваме до можноста за Брегзит без договор, ЕУ е подготвена да даде уште една писмена изјава“, вели висок ЕУ-службеник пред самитот. ЕУ, на пример, би можела да даде уверување дека во основа никогаш не би требало да дојде до „backstop“. Дали доцна вечерва навистина ќе биде дадена ваква писмена изјава, е нејасно. Британските и европските преговарачи сѐ уште спорат околу правната форма на документот – нота, договор, протокол, или едноставно политичка изјава.