Меркел на самитот на ЕУ во март ќе притиска за преговори со Скопје и Тирана

Ние сакаме овие држави да се доближат кон ЕУ, пред се сакаме во март кога е Советот, да ги започнеме преговорите со Албанија и со Македонија.
Наспроти воздржаноста на првиот човек на Европскиот совет Шарл Мишел но и без ветување дека Македонија може да се надева на сигурен почеток на преговорите напролет, германската канцелаерка Ангела Меркел денеска во Берлин пред средбата со премиерот на Албанија Еди Рама, беше децидна дека Германија сака во март Унијата да ги започне преговорите со Албанија и со Македонија.
Пред состанокот со Рама посветен околу донаторската конференција за санираење на штетите од силниот земјотрес во ноември, канцеларката рече дека Германија се придржува до европската перспектива на земјите од западен Балкан.
– Ние сакаме овие држави да се доближат кон ЕУ, пред се сакаме во март кога е Советот, да ги започнеме преговорите со Албанија и со Македонија. Двете земји постигнаа многу, и на последниот совет зборувавме за ова и се надевам дека во март ќе ги добиеме резултатите кои ги посакуваме. Не е во интерес само на земјите од Западен Балкан, туку е и во наш интерес овие земји да бидат дел од ЕУ. Тој што ја знае општата ситуација знае дека еден ден овие земји ќе бидат дел од ЕУ, изјави канцеларката Ангела Меркел.
Сепак, неизвесноста околу проширувањето останува до последен момент. Дека на советот во март ќе се водат тешки разговори , потврди и првиот човек на советот Шарл Мишел за време на неговата посета на земјава.
Мишел иако не даде никакви гаранции околу почеток на преговорите напролет, најави силна посветеност дека за време на неговиот мандат ќе се залага за отворање на пристапниот процес, за што потенцираше дека на состанокот во март до Советот, ќе предложи стратегија базирана на три столба.
На состанокот во март членките на Унијата да усогласат заеднички став околу новата методологија и начинот на проширувањето,како и за потребата од јасна стратегија за инвестиции и раст на западен Балкан.
Во таа насока потенцираше дека реформите и борбата со корупцијата треба да продолжат и во наредните месеци.