„Маџар Телеком“: Обвинителката Стефанова го распрашуваше сведокот за Бучковски
На денешното судско рочиште за случајот „Маџар Телеком“ сведочеше сведокот Дејан Мицковиќ, кој во еден период бил претседател на одборот на директори Македонски телекомнуникации АД Скопје.
Тој од обвинителката Лиле Стефанова доби прашања и за Протоколот за соработка меѓу „Маѓар Телеком“ и македонската Влада, тогаш предводена од Владо Бучковски, а врз чија основа наводно е сторено кривичното дело. Хронологијата покажува дека сцената за махинациии била поставена уште во раната фаза, односно, уште со потпишувањето на договорот за приватизација на македонската „златна кокошка“.
Обвинителката Стефанова го праша сведокот дали освен протоколот за соработка го видел и документот нон-пејпер, во кој имало податоци за исплата на одредени лица и дали содржината се надоврзува на протоколот?
-Овој документ ми беше предочен за време на моето сведочење пред Американските органи. Ми беше предочен, но колку што се сеќавам не беше потпишан. Со него беше предвидена исплата за неколку лица кои беа наведени со иницијали. Американците ги интересираш дали имам сознанија за тој документ, на што одговорив дека немам, рече сведокот.
Потоа обвинителката Стефанова го праша дали контактирал до Владо Бучковски кога почнала истрагата?
-Кога почна истрагата пред американските органи ми беше предочено дека за предметот не треба да разговарам со никого освен со македонските официјални органи, но од нив не добив покана за сведочење. Така што со Бучковски немам детално разговарано, освен што ми кажа дека се работи за политички монтиран случај, рече сведокот.
Ова судење е почнато во 2011 но рочиштата постојано се одложуваа. Од неодамна, СЈО го презеде случајот.
Аферата доби нова димензија по сведочењето на ексразузнавачот Слободан Богоески пред окружниот суд во Њујорк, кое беше објавено јавно и за првпат во јавноста беа посочени конкретни имиња. Богоески во сведочењето тврдеше дека мито од „Маѓар телеком“ зеле поранешниот премиер Владо Бучковски, како и функционерите од ДУИ Али Ахмети, Муса Џафери и Абдулхалим Касами. Ахмети и Џафери, кои го тужеа Богоески за клевета и навреда, го добија случајот на суд, но Апелацискиот суд ја укина пресудата.