Маричиќ: Сите да имаме доверба во пописот, да сопре политизацијата и оспорувањето
Со попишување на затворени и притворени лица во Казнено-поправната установа К’шање во кумановско денеска официјално беше означен стартот на процесот на спроведување на пописот на населението и домаќинствата. Засега проценката на надлежните институции е дека се се одвива во најдобар ред по правилата и протоколите пропишани од надлежните институции. Од денеска во наредниве две недели, како што соопшти денеска директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски, ќе бидат попишани 2.200 осудени и притворени лица во казнено поправни и воспитно поправни установи на територија на Република Северна Македонија. Пописот ќе се одвива во неколку фази и ќе бидат ангажирани четири овластени попишувачи во текот на овој процес.Министерот за правда Бојан Маричиќ кој денеска заедно со директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски извршија увид во текот на попишувањето во Казнено-поправната установа Кшање упати порака до граѓаните дека ова е многу важна операција и ги повика активно да придонесат за развојот на сопствената држава.-Собирањето на овие информации е корисна за сите за да можеме да ги креираме политиките и во образовна смисла и во финансиска и економска, здравствена и сите други апскети. Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава дека и законот за попис и методологијата според која се спроведува пописот се направени согласно највисоките стандарди. По таа верификација сите дилеми кои беа наметнати од политичките фактори се расчистени. Сите треба да имаме доверба во пописот затоа што професионално се изведува, според точно утврдени правила и стандарди со сите заштитни мерки повразани со Ковид-19 и можеме на еден брз и ефикасен начин да го завшиме во интерес на граѓаните, рече Маричиќ.Апелираше и до политичките фактори да, како што рече, се сопре со политизација на пописот и со дополнително негово оспорување и наспроти тоа ги повика да се обединат и да ја испратат истата порака – граѓаните активно да учествуваат во пописот.Од денеска во функција е и регистарот за дијаспората, отворен на веб страницата на Државниот завод за статистика, а како што рече директорот Симовски, добиле информации оти нашите сограѓани од странство максимално ја користат оваа апликација за самопопишување.-Да посакаме успех. Ова е операција што е во интерес на сите граѓани на државата – да ја завршиме како што треба, корист имаме сите. Ако одбиваме да се попишуваме си правиме штета само на себе си, порача Симовски.