ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Макрон најави дека е постигнат компромис за спорот Македонија – Бугарија, македонската влада потврди дека добиле предлог

Емануел Макрон пресече – Најдено е компромисно решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија. Францускиот претседател на само неколку часа од истекот од претседавањето со ЕУ со бомба од Мадрид – без да открива детали соопшти дека договорот бил прифатлив за двете страни, а носел сигурност за надминување на споровите од минатото.

Можам да кажам дека е пронајден компромис, кој ја запазува сензитивноста на двете страни и верувам дека е прифатлив за сите. Во следните денови двете страни ова ќе го потврдат. Бугарскиот претседател и премиер веќе го поддржаа францускиот предлог и ќе има консултации во наредните денови во Скопје. Ова решение носи безбедност, стабилност, предвидливост и сигурност за надминување на споровите наследени од минатото“, рече Макрон.

Во исто време кога Макрон порача дека компромис има а двете страни тоа ќе го потврдат,  македонската влада излезе со соопштение во кое само вели дека го добиле францускиот предлог со идеи.

Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата. Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно Стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани., стои во соопштението од влада.

Дека решението е се поизвесно потврдува и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој во твит оцени дека напорите на француското претседателство вродиле со плод и дека се наѕира отворање на патот за пристапните преговори меѓу Македонија и Европската Унија.

 Го поздравувам решението на француското претседателство со ЕУ за договор што ќе го отвори патот за старт на пристапните преговори со Македонија. Најблиску сме од кога било досега: Сега е време да се каже ‘да’, вели претседателот на Европскиот Совет.

Македонските власти засега не откриваат што содржи оваа верзија на францускиот предлог, ако се знае дека она што се изгласа во Бугарија значеше целосно погазување на македонските национални интереси и прифаќање на бугарските ултиматуми.  

Please follow and like us:
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.