Макпетрол со пријава до ДКСК за конфликт на интереси, Тунески вели дека не е проблем и да ги продаде акциите
Членот на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги, професорот Атанаско Тунески, во анкетниот лист кој го доставил до антикорупциската комисија пред именувањето, како што објави ТВ Телма, навел дека поседува имот вреден половина милион евра, заштеди, дел негови дел на сопругата од околу 300.000 евра, од кои само од камати годишно му легнуваат околу 8.000 евра, а сефот во банка му тежи 20.000 евра. Во однос на неговите акции во Макпетрол, Тунески во изјава за МКД.мк вели дека нема никаков проблем и веднаш да ги продаде затоа што се работи за минорни 0,009% од сите акции во компанијата.
Тунески, од редовен професор на Машинскиот факултет, во 2006 година на предлог на ВМРО-ДПМНЕ се сели на директорската функција на преносниот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, каде во септември 2007 година е разрешен поради скандал со падот на системот, со што граѓаните останаа без струја. Подоцна Тунески станува прв човек на СДСМ за енергетика и кон крајот на 2017 и во текот на 2018 година тој е член на тимот кој работеше на новиот Закон за енергетика на Македонија, јави ТВ Телма.
По вчерашната пријава на Макпетрол АД дека Тунески го прекршил Законот за спречување на корупција и судир на интереси, се чека реакцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата. „Службено лице не може во текот на мандатот, како и во рок од три години по неговиот престанок да стекне по која и да е основа и во кој и да е облик акционерски права во правно лице врз кое органот во кој работи, врши надзор“, пишува во Законот за спречување на корупција.
Тунески поседува 10 обични акции во компанијата Макпетрол АД и за нив вели дека е подготвен да ги продаде веднаш. Тој во изјава за МКД.мк вели дека акциите на Макпетрол ги купил во 2008 година и тие изнесувале занемарливи 0,009% од сите акции на компанијата.
„Акциите не се купени за време на мојот мандат како член на Регулаторна комисија за енергетика, што е во согласност со законските прописи. Ако поседувањето на овие акции прави каков било проблем, јас веднаш ќе ги продадам. Во анкетниот лист имам наведено дека поседувам акции, но, како и во сите други анкетни листови на сите други избрани функционери, не го наведувам називот на компанијата, односно не правам никакво прикривање, а немам ни зошто да правам прикривање.
Ако јас како член на РКЕ го фаворизирам Макпетрол како негов акционер заради моите минорни 10 акции, и сум пристрасен и зависен од Макпетрол, тогаш Макпетрол не би барал моја смена, туку би инсистирал јас да бидам член на РКЕ што е можно подолго. Јас не се сложувам со барањата на Макпетрол за пораст на неговата трговска маржа и со неговото барање за либерализација на пазарот со нафтени деривати, и тоа се причините што Макпетрол бара моја смена. Имам бројни писмени докази дека како член на РКЕ сум бил категорично против пораст на маржата и против либерализација на пазарот на нафтени деривати и тие докази ќе ѝ ги приложам на ДКСК. Од доказите што ќе ги приложам до ДКСК е јасно дека постојано сум го штител интересот на потрошувачите за што пониски цени на нафтените деривати, а никако не сум го штител интересот на трговците со деривати за неоправдани екстра профити“, вели Тунески.