ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Македонските лекари објаснија сѐ за вакцините: Прочитајте кој не смее да се вакцинира и кои се можните несакани ефекти

Вакцинацијата против ковид-19 во понеделник на 48 пункта во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе продолжи за вработените во полицијата, армијата, учителите, судиите, цариниците, вработените на патарините, возачите на ЈСП и за новинарите. Ќе бидат ангажирани 4 лекари и 12 медицински сестри во една смена. Вработените во критичната инфраструктура ќе добијат вакцина Спутник В, руска вакцина која што ни ја донираше Србија во количина од 20 илјади дози. Покрај ова, во геријатрискиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје почна и теренската вакцинација за граѓаните што се сместени таму.

Директорот на Институтот за имунологија Александар Петличковси, вели дека не постои дилема дали вакцината треба да се прими или не, затоа што смртноста од ковид е многу поголема отколку несаканите ефекти од вакцината. Тој вели дека Израел кој има 9 милиони жители вакцинираше 70 проценти од населението, а има пад на бројот на новозаразени случаи на 440 дневно и само 8 смртни случаи. Споредено со Израел, Македонија има 1.500 случаи дневно и над 30 починати што е голема разлика.

-Овие бројки се тие што треба да ги запаметите. Неспорно е дека вакцината треба да ја прифатиме со сите сили. Таа ќе елиминира шанса за смрт и тешка болест. Да, ќе се појават заразени и после вакцинацијата, ама нема да одат во болница и така наместо оптоварување од 40 мртви дневно и притисок врз болниците, тие ќе може да се вратат на останатите патологии кои во моментов се страшно поттиснати, рече професор доктор Петличковски.

Тој додаде дека вакцината против ковид може да ја примат дури и алергичните луѓе на пеницилин зашто пеницилинот нема допирна точка. Единствено треба да имаат резерва тие што се алергични на некоја состојка што ја има во вакцината, а состојките се наведени во упатствата. Доктор Петличковски истакна дека за бремените жени и мајките кои дојат не е јасна препораката дали треба да се вакцинираат и затоа нивните гинеколози треба да проценат. Причината е што во клиничките студии за вакцините не се следело колку од жените биле бремени.

-Истото се однесува и на родилките. Ниту РНК ниту векторските ниту кинеските вакцини можат да направат компликација или ризик за жени кои планираат да забременат и тие може да се вакцинираат. Пациентите со хашимото и тироида немаат контраиндикација за користење вакцина. Вакцините не се проблематични ни за луѓето со длабока венска тромбоза, ни за тие што прележале инфаркт или операции и ова се однесува и на Астра Зенека и на другите, рече доктор Петличковски.

Несаканите ефекти од вакцините се замор, главоболка и ретки алергиски реакции и исклучително ретки случаи на длабока венска тромбоза.

– Тоа е толку ретко што се случува во 4 до 6 случаи на милион вакцинирани. Кај невакцинираните пак, тоа е многу почесто, има 10 случаи на тромбоза на милион, рече Петличковски.

Тие што прележале коронавирус, не треба да се вакцинираат веднаш, зашто можно е да им биде потребна само една доза, ако антителата им се високи. Меѓутоа, проблем ќе биде да излегуваат од државата, зашто вакцинален картон добиваат само тие со две примени дози. Уште се чека евроспката регулатива да се осврне на овој проблем.

Претседателката на Комитетот за имунизација професор Александра Грозданова, истакна дека вакцината на Астра Зенека е многу добра и препорачлива, а дека најверојатно се пријавени толку случаи на тромбоза кај неа, зашто повеќе се следи и се администрира во најголем број на случаи, односно дека нејзината распространетост е голема, а таму кај што има поголемо следење, има и поголема детекција.

-Препораката беше прво да не се дава над 65 години и тоа потекна од недоволен број на учесници во клиничката студија со возраст над 65 години. Но, почна да се дава и се откри дека има одличен безбедносен профил. По новите сознанија за тромбоични промени 13 земји прекинаа да ја даваат привремено меѓу кои Норвешка, Данска, Австрија за да се разјасни. Германија во понеделникот излезе со став дека овие случаи споредено со дозите се алармантен сигнал и времено ја прекина оваа вакцина кај популација помлада од 60 години. Од денеска пак препорачуваат само една доза за тие што ја примиле под 60 години. Нас сепак не ни се пореметува планот, зашто кај нас се почна со граѓаните над 77 години, рече професор Грозданова.

Вакцината на Астра Зенека содржи вектор од шимпанзо, а вакцината Спутник содржи вектор од хумани вируси. Досега во Македонија 4.027 граѓани се вакцинирале со првата доза на Фајзер, а 2.996 со првата доза на Спутник. Пријавени се десет несакани реакции на фајзеровите вакцини, но благи, како температура. Имало неколку пријави и за Спутник, ама исто така благи. Повеќе од 75 проценти од здравствените работници се вакцинирани во земјава.

Грозданова додаде дека во наредните неколку месеци од производителот Модерна не треба да се очекуваат вакцини, зашто не се заинтересирани за мали пазари како македонскиот. Граѓаните нема да можат да одберат со која вакцина ќе се вакцинираат и ќе се настапува под мотото ,,најдобра е онаа вакцина што ви е достапна да ја примите”. Официјален е ставот дека граѓаните не треба да прават ни ПЦР тест ни да испитуваат антитела пред вакцинација.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.