Македонија се приклучи кон одлуката на ЕУ и забрани прелети за белоруски авиокомпании

Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка се приклучија кон одлуката на ЕУ и ги забранија прелетите на белоруските авиокомпании.
Советот на Европа донесе одлука за зајакнување на постојните мерки за ограничување, со оглед на состојбата во Белорусија, со воведување забрана за прелети на воздушниот простор на ЕУ и пристап до аеродромите на ЕУ од белоруски авиопревозници од сите видови, се наведува во соопштението на Советот на Европа.
„Земјите кандидати Република Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија и земјите на ЕФТА Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, членки на Европската економска област, се приклучуваат кон оваа одлука на Советот“,
се вели во соопштението.
Оттаму додаваат дека тие ќе осигурат дека нивните национални политики се во согласност со оваа одлука на Советот.
„Тие ќе ги усогласат своите национални политики со одлуката на Советот на Европската Унија. ЕУ ја забележува оваа обврска и ја поздравува“,
се вели во документот.
На белоруските авиокомпании им е забрането да ги користат воздушниот простор и аеродромите на Европската Унија од 5 јуни. Како што најави шефот на Европскиот совет, Шарл Мишел, од 5 јуни на полноќ, на сите авиони на белоруските авиокомпании им е забрането да слетуваат, полетуваат или да летаат над територијата на Европската Унија. Официјалната одлука на Советот на Европската Унија прецизира дека забраната не важи за хуманитарни летови, како и за присилни слетувања и итни летови.
Забраната за летови е прва официјално објавена мерка на Европската Унија кон Белорусија по инцидентот со слетувањето на авионот на компанијата „Рајанер“ во Минск на 23 мај.
Авион на „Рајанер“, кој леташе од Атина кон Вилнус, беше принуден да слета на аеродромот во Минск на 23 мај, поради пријава дека во авионот е поставена бомба, но по слетувањето властите уапсија опозициски активист.