Македонија има недостиг од 10.000 работници – Битиќи решението го бара во увоз на работна сила
Се повеќе и повеќе компании се жалат дека многу тешко наоѓаат работна сила, за што недостигот на годишно ниво изнесува околу 10 илјади работници, а најмногу кадри фалат во градежништвото и во хотелиерството, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Тој рече дека примарно е работници да се вработат од тука, но дека се прават обиди да се обезбедат работници од други земји без оглед од каде доаѓаат. Но токму од градежниот сектор како и хотелиерството се гранки од каде работници од земјава најмногу заминуваат во странство, па оттука е нејасно како ќе се привлечат работници да дојдат во држава од каде овдешната работна сила бега во странство.
„Бегаат за секако повисоки просечни плати, просечната плата кај нас стигна 550 евра, платата во која што одат да работат е 1.100 евра, а земјите од кои што ќе доаѓаат најверојатно работници во рударство па и во градежништво е просечна 200 евра, така што тоа е природен циклус на движење на работна сила за подобро“, вели Фатмир Битиќи.ВД амбасадорот на Германија во земјава Ото Граф кој со германска бизнис делегација од Источниот комитет на германското стопанство имаше средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи рече дека германските компании ја гледаат Македонија како добра можност за инвестирање но забележа дека мора да се олеснат бирократските процедури. Во однос на работната сила тој напомена дека сите треба да дадат придонес и Владата и образовните институции и германските претпријатија.
„Тука многу се поддржува дуалното стручно образование, значи тие не чекаат да има доволен број на работна сила туку и самите го даваат својот придонес за да се осигураат дека ќе има доволно квалификуван кадар и во иднина. Значи тоа е тој динамичен процес. Сите ние треба да го дадеме својот придонес“, додава Ото Граф.
На денешната средба на вицепремиерот Битиќи и вд германскиот амбасадор Граф заедно со германската бизнис делегација која се одржа во Владата се разговарало за унапредување на економската соработка. Германија е наш главен извозен пазар а од друга страна повеќе од 200 компании со германски капитал во кој работат околу 20 илјади луѓе имаат бизнис во Македонија.