Лончар: Владата мора да ги санкционира компаниите кои не ги намалија цените, а користат субвенции
Компаниите кои не ги намалија цените, а добија субвенционирана струја, да ги вратат парите. Организацијата на потрошувачи не се согласува со најавеното укинување на евтина струја за прехранбените фирми, кај кои анализата на Министерството за економија ќе покаже дека не ги снижиле цените на своите производи. Претседателката на Организцијата на потрошувачи Маријана Лончар Велкова вели дека ситуацијата со цените на пазарот е неиздржлива и државата мора да преземе итни мерки. Граѓаните трошат пари, плаќаат ДДВ, а на крајот производителите ги добиваат бенефициите, додава таа.
За да се амортизира ценовниот шок кај основните прехранбени производи, Владата лани во ноември реши да им даде субвенционирана струја по цена од 80 евра за мегават на компаниите кои произведуваат храна, а кои се пријавија на повикот. Нивна обврска беше да ги намалат цените од 5 до 13 проценти. Иако компаниите ветуваа намалување од 1 јануари, тоа не се случи. Пред две недели министерот за економија Крешник Бектеши најави дека ќе им ја укине субвенционираната струја на оние компании, кои неоправдано, се уште ги држат цените повисоки отколу што треба.