Лиценцираните таксисти ќе се означуваат со жолти табли и еколошки налепници
На лиценцираните такси автомобили задолжително ќе се поставуваат жолти табли со што граѓаните ќе ги разликуваат од нелегалните превозници и сите ќе бидат означени и со еколошка налепница за степенот на емисијата на штетни гасови што ќе ја покажува и зоната во која ќе можат да се движат.
Тоа се предвидува со новиот Предлог закон за возила, што денеска ги претставија министрите за внатрешни работи и за економија, Оливер Спасовски и Крешник Бектеши, со претставници на Здружението на таксисти.
Целта е средување на состојбите во такси превозот со сузбивање на нелиценцираните таксисти и поголема безбедност на граѓаните и учесниците во сообраќајот.
Со законските новини се укинува и налепницата при регистрација на ветробранското стакло на возилата, која што чинеше по едно евро, но, како што забележа, Спасовски, немаше улога затоа задолжително мора да биде контролирана сообраќајната дозвола.
– За нас беше многу важно да се регулира автотаксипревозот бидејќи со непреземање соодветни мерки во изминатите години се доведувавме како држава во ситуација нелегалните таксисти да иамат предност пред легалните. Тоа беше причина зошто во најголем дел од градовите во Македонија се повеќе растеше бројот на нелегални таксисти на сметка на легалните кои ги плаќаат сите давачки. Од друга страна надзорот беше оставен само на општините преку инспекторатите за сообраќајот. Затоа со Здружението на таксисте донесовме низа мерки за поголема контрола во делот на инспекцискиот надзор кој ќе може да го врши и полицијата, рече Спасовски.
Тој рече дека сега не се знае кои возила колкава штета предизвикуваат со издувните гасови поради што со налепниците ќе се зголемат обврските и одговорноста на центрите за технички прегледи за да прават детални анализи.
– Врз основа на тоа секое од возилото ќе добие налепница. Тој што емитува најмногу штетни гасови ќе има црвена налепница, тие со помал обем на штетни гасови жолта, а оние коишто се во рамки на нормалното ниво со зелена. Тоа не значи дека дефинитивно старите возила ќе имаат црвени налепници, а новите зелени затоа што постојат разлики во зависност од возилата, рече Спасовски, појаснувајќи дека општините и град Скопје ќе носат одлука дали во одредено подрачје врз основа на нивна сообраќајна студија тие возила не треба да се движат во одреден временски период.
Според претседателот на Здружението на таксисти Абдула Рушити, новините ќе предизвикаат трошоци за таксистите, но, како што потенцираше ќе бидат минорни во однос на штетите што ги трпат од работата на дивите превозници во овој сектор.
– Прифатено е нашето барање. Ова ќе биде многу добро и за таксистите и за граѓаните да можат да се качат слободно и да нема проблеми, изјави Рушити, информирајќи дека за 45 од 53-те такси компании во нивното Здружение е прифатливо да се воведат жолти табли со кои ќе се препознаваат таксистите.
Законот е на Предлог на Министерството за економија, кое како што укажа ресорниот министер Крешник Бектеши, предвидува и усвојување програма за субвенционирање на граѓаните и правните лица кои ќе набават електрични и хибридни автомобили, како и за оние кои ќе постават уреди на плин или метан.